ТАЊА КАРАКАМИШЕВА Е НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ НА ВМРО-ДПМНЕ

    ТАЊА КАРАКАМИШЕВА Е НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМИСИЈАТА ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ НА ВМРО-ДПМНЕ

    Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ избра претседатели на повеќе партиски комисии, соопшти партијата.

    За претседател на комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ е избрана Тања Каракамишева Јовановска, професор по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и член на Венецијанската комисија.

    Поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески е нов претседател на Комисијата за локална самоуправа.

    Поранешниот директор на болницата „Св. Наум Охридски“ во Скопје, докторот Виктор Камиловски ќе ја води комисијата за здравство, а со Комисијата  за култура ќе раководи актерот Роберт Вељановски, поранешен директор на Драмскиот театар.

    Соња Лепиткова ќе ја предводи Комисијата за животна средина и просторно планирање,  а поранешниот министер за финансии Кирил Миновски, Комисијата за финансии и монетарни прашања. Христијан Делев е претседател на Комисијата за економија и инвестиции.

    Извршниот комитет формирал и Антикорупциска комисија со која ќе раководи Тони Мекиноски.

    Драган Данев е новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, откако досегашниот координатор Влатко Ѓорчев побарал да се повлече.

    Ѓорчев побарал да се повлече поради голем обем на обврски и презафатеност, по што е назначен за претседател на партиската Комисија за семејни прашања и демографија.

    ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека се формирани и комисиите за одбрана, правни работи, образование и наука и комисијата за европски и евроатлантски интеграции чии што претседатели ќе бидат избрани на некоја од наредните седници од Извршниот Комитет.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира