На вонредното собрание на Алијансата за Албанците, од крилото на Арбен Таравари разрешен e шефот на Собранието на партијата, Арбен Фетаи. Состанокот на Собранието, како што рече Таравари, го иницирале две третини од членовите, а следи неколку дена откако дел од високите функционери на оваа партија се спротивставија на неговата одлука за излегување од Владата и коалицијата„Вреди“. За нов претседател на Собранието на Алијанса на Албанците е избран Назим Таипи.
„Исклучивме и некои членови на претседателството кои веќе јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Тоа се осум од 46 членови на централното претседателство, така што тоа продолжува со мнозинството членови, а Собранието со апсолутно мнозинство во Централното собрание. За Мимоза Муса не беше донесена одлука, бидејќи не беше добро дефинирана пораката дали останува со Алијансата за Албанците или останува со ‘Вреди’, немаме јасна порака“, рече Таравари.
Тој кажа дека оние кои ја напуштиле партијата не мислеле на народот. Таравари во моментов работи само со тројца пратеници, откако и пратеничката Мимоза Муса најави дека ќе остане дел од коалицијата „Вреди“ во Владата.
Таравари вели дека на Собранието била потврдена одлуката партијата да ја напушти Владата и да оди сама на локалните избори во октомври. Најави дека на локалните избори ќе соработуваат и со ДУИ и со „Вреди“.
„Во Битола, Кичево, Брвеница, Чашка, Преспа и во Бутел ќе соработуваме и со ДУИ и со ‘Вреди’ бидејќи само така можеме да им помогнеме на Албанците, тоа е од албански интерес. Во другите општини ќе видиме, немаме дефинитивна одлука. Не исклучуваме соработка со која било опозициска политичка партија, освен Левица“, рече Таравари.