ТАТКОВЦИТЕ СЕ ДИСКРИМИНИРАНИ ОТИ НЕМААТ ПРАВО НА ПАРИ ЗА ТРЕТО ДЕТЕ, ПРЕДУПРЕДИ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

ТАТКОВЦИТЕ СЕ ДИСКРИМИНИРАНИ ОТИ НЕМААТ ПРАВО НА ПАРИ ЗА ТРЕТО ДЕТЕ, ПРЕДУПРЕДИ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛДискриминација по основ на пол е забранета со Устав и закон, велат од канцеларијата на Народниот правобранител Иџет Мемети (Фото: СДК.МК)

Народниот правобранител бара и татковците да имаат права на надоместок за трето дете, бидејќи со сегашното законско решение се прави дискриминација и нееднаков третман меѓу родителите. Правобранителот поднесе иницијатива до Министерството за труд и социјална политика за измена на Законот за заштита на децата и затоа што во случаите кога мајката не ги исполнува условите за остварување на наведеното право, истото не може да го оствари таткото како друг родител.

„Постојните нормативни решенија предизвикуваат нееднаквост и правна несигурност бидејќи само мајката може да го оствари ова право, но не и таткото, со што се оштетени како родители и семејство, при што не се води сметка за целта на давањето на наведениот паричен надоместок, односно подобрување на животниот стандард на семејството кое има трето дете. Дискриминација по основ на пол е забранета со Устав и закон“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Народниот правобранител во своето работење по конкретни предмети констатирал и други нелогичности, затоа што корисниците на социјална парична помош и други видови социјални примања не можат да остварат право на родителски додаток за трето дете. Тие треба да изберат дали ќе земаат пари за трето дете или социјална помош. Сите други лица кои се во работен однос добиваат пари за трето тете, без оглед на висината на примањата.

„Ваквата парадоксална фактичка состојба доведува споменатите одредби да се во спротивност и со принципите на правичност и праведност, со начелото на обезбедување на социјална правда, хуманизмот и солидарноста како темелни вредности на Република Македонија“, вели Народниот правобранител.
Мајката не може да добие пари ако за време на бременоста не вршела здравствени прегледи и контроли кај избран лекар – специјалист по гинекологија и акушерство. Но Народниот правобранител вели дека, на пример, жените во Шуто Оризари со години немаат пристап до гинеколог.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира