Светло-техничарот кој вчера падна од висина во Македонскиот народен театар (МНТ) е опериран, во добра состојба е, но ќе следи долг период на рехабилитација, вели директорката Симона Угриновска за САКАМДКАЖАМ.МК.
Министерството за внатрешни работи (МВР) објави дека вчера околу 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено оти во МНТ, додека изведувал работни задачи паднал од висина и добил тешки телесни повреди 35-годишниот В. Ч. од Скопје, вработен како светло-техничар, по што бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. МВР вели дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Вработениот со најдобра намера, без наредба од друго лице, самоиницијативно сакал да му помогне на друг колега и паднал од голема висина. Вршел работа која не е во доменот на неговите обврски, како што реков, сакајќи да му помогне на колегата. По падот му е скршена потколеницата, но операцијата поминала успешно“, вели Угриновска.
Б. НЕСТОРОСКА