По наредба на јавен обвинител телото на актерката Билјана Беличанец која синоќа беше пронајдена мртва е предадено на обдукција во Судска медиција, информираат од Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешени работи.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи и со лекари по судска медицина синоќа извршиле увид на лице место во стан во Скопје, каде беше пронајдено телото. Телото на починатата е предадено за обдукција, а јавниот обвинител издаде и наредба за вештачење на трагите подигнати и обезбедени на лице место“, велат од Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи денеска излегоа со официјални информации за смрта на актерката и поранешна градоначалничка на општина Кисела Вода.
„На 6 април околу 22.30 часот, во полициската станица Центар, С. М. пријавил дека на улица Истарска во неговиот стан ја пронашол неговата сопруга Б. Б. А. (45) од Скопје, која си го одзела животот со бесење. Од страна на Итна медицинска помош е констатирана смрт. Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Беличанец беше градоначалник на скопската Општина Кисела Вода од 2013 до 2017. Нејзин матичен театар е Драмскиот театар во Скопје, каде последни претстави во кои играше се „Генетика на кучињата“ што потоа беше прекрстена во „Господа Глембаевски“ и „Последните Македонци“.
Беличанец глумеше во повеќе ТВ-проекти како „Здраво генијалци“ и натсихронизираше гласови во турски серии, од кои најмногу беше позната по улогата на Хурем во „Сулејман Величествениот“.
Двете деца и се од првиот брак со познат скопски стоматолог.
Неодамна втор пат се омажи со режисерот Сашо Миленковски.
А. АНТЕВСКА