Мандатарот за нова Влада Димитар Ковачевски пред пратениците го почна експозето со пребројување на парламентарното мнозинство, нагласувајќи дека сега тоа е зголемено. Кажа дека оваа влада ќе има целосен правен легитимитет и за ова повеќе е беспредметно да се разговара.
„Оваа влада нема време за ‘100 дена грејс период на влада’. Мора веднаш да се фрлиме во жарот и да работиме. Имаме ретка шанса во овие 2,5 години да се посветиме на решавање на проблемите на граѓаните, енергетската криза, здравствената со пандемијата, развој на економијата и напредок, образовните реформи, намалување на администрацијата… Во новата програма има нови политики и мерки, но и продолжување на почнатите добри проекти“, кажа Ковачевски, кој искоментира дека го викаат технократ, но не се буни.
Пред пратениците кажа дека се нафатил да биде мандатар и ако биде избран и за премиер, зашто сакал да работи.
„Резултатите од работењето на владата ќе се мерат“, најави тој.
За тимот министри што го предлага, кажа дека е тим на нови луѓе кои ќе испорачаат резултати, за клучните поенти: одржлив раст на економијата, зголемување на домашните и странските инвестиции, поддршка на пензиите со раст преку посебна програма, раст на капиталните инвестиции и извозот, политики за намалување на младинската невработеност, пораст на минималната и на просечната плата, енергетска преструктуираност (со користење на сонцето и на други обновливи извори на енергија). Оваа цел тој ја нарече енергетска револуција и нагласи дека стратешка цел ќе биде чувањето притоа на животната средина.
Од завршување на капиталните инвестиции рече дека е изградбата на Коридорот 8, поврзувањето на Бугарија со Албанија преку Македонија, која доцни 10 години, на автопатот Кичево-Охрид, Скопје-Блаце и други.
Ковачевски кажа дека ќе има финансиска поддршка на земјоделството заради обезбедување на храна, кога во цел свет поскапува.
И тој вети борба против корупцијата.
Едно општество за сите, ќе продолжи и ќе се надградува таа концепција, која, како што кажа, има одлични резултати и треба да се надградува уште.
„За континуитетот на македонскиот народ и јазик никој немa да разговара. Македонските и бугарските граѓани повеќе се заинтересирани за економска, културна и друг вид на соработка. Историјата ќе им ја оставиме на историчарите“, рече мандатарот.
Ковачевски нема да ги дели граѓаните на наши и ваши, туку, како што вети, на чесни и нечесни. За поделбите се виновни политичарите, а не граѓаните, е неговиот став. Рече дека граѓаните се веќе уморни од трки со партиски соопштенија и бараа да им се подобри животот.
Ковачевски побара комуникација со опозицијата, академската заедница и синдикатите.
По него излезе Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ и побара предвремени парламентарни избори. Зборуваше повеќе за Зоран Заев, а речиси воопшто за понудената владина програма на Ковачевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА