ТЕМПЕРАТУРАТА ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС” ДОШЛА ДО 700 СТЕПЕНИ ШТО Е БЛИЗУ ДО КРЕМАТОРИУМ, СВЕДОЧИ ПАТОЛОГОТ СТАНКОВ

    ТЕМПЕРАТУРАТА ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС” ДОШЛА ДО 700 СТЕПЕНИ ШТО Е БЛИЗУ ДО КРЕМАТОРИУМ, СВЕДОЧИ ПАТОЛОГОТ СТАНКОВСпоред наодите, најголем дел од загинатите починале од насилна смрт со труење со јаглерод моноксид. (Фото: СДК.МК)

    Доктор Александар Станков, вештак од Институтот за судска медицина во денешното сведочење во големиот процес против 35- темина обвинети, кажа дека во пожарот во кочанското диско „Пулс” на 16 март 2025 година температурата дошла до 700 степени Целзиусови.

    „Тоа е температура приближно за крематориум”, одговори Станков на прашањето на обвинителката што се амбиентални услови.

    Кога го кажа ова, пола од родителите во судницата излегоа надвор, другите пуштаа тешки воздишки и тивко плачеа.

    Вештакот ги поби сите напади од одбраната дека јаглеродниот моноксид што го вдишиле и од кој се отруле 63-те жртви и 230-ина преживеани во катастрофалниот пожар во диското „Пулс”, бил и од други фактори: алкохол и друго.

    „Јаглеродниот моноксид е најчест токсичен отров кој се јавува во запалени затворени простории. Тој многу брзо ја исполнува просторијата. Кога се дава причина за смрт, се дава основниот и доминантниот причинител за смртта. Јаглеродниот моноксид е главниот причинител за задушување и труење. Во вакви случаи има: вдишување на топол воздух, вдишување на чад и вдишување на цијанид. Тие само го потпомогнале задушувањето од јаглеродниот моноксид, го потпомогнале”, беше јасен вештакот.

    Цијанидот е оној што го блокира преносот на кислородот од крвта во клетките, објаснуваше тој.

    „Но, целото ова го предизвикал јаглеродниот моноксид и тој е причината за смртта. Кај 26 лица немаме цијанид, кај 11 се концентрации кои можете да ги најдете кај нормалната популација. Ако цијанидите биле доминантен причинител, ќе имавме многу поголем број жртви”, кажа Станков.

    На натамошно прашање: „Дали кога би им била дадена кислородна поддршка на местото или подоцна во болниците, тоа би помогнало да преживеат дел од жртвите?”.

    „Примената на кислородот не би дала никакви резултати”, одговори вештакот. Додаде дека не знае колку од нив биле донесени починати, но од обдукцијата на тие што биле на кислородна поддршка пред да починат, кислородот не им помогнал”, одговори стручното лице.

    Според наодите, најголем дел од загинатите починале од насилна смрт со труење со јаглерод моноксид. Четири од жртвите, според обдукциските протоколи што ги презентира Обвинителството, починале од притисок врз градниот кош, додека тројца го загубиле животот како резултат на недостаток на воздух и кислород во околната средина.

    Обдукцијата на три од жртвите кои починале во текот на лекувањето, исто така, констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира