Британската премиерка Тереза Меј организираше прием за шесте премиери од Западен Балкан, кои вчера присуствуваа на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој во Лондон. На приемот на Даунинг стрит 10 се разговарало за Самитот на Западен Балкан, закажан да се одржи во јули во Лондон, соопшти британската влада.
„На Самитот ќе имаме храбра агенда. Агенда која што промовира економска стабилност и ќе поттикнува соработка на безбедносните и политичките предизвици со кои што се соочува регионот. Ќе ја продолжиме добрата работа започната на претходните самити, продолжувајќи ги иницијативите за борба против корупција, сериозен и организиран криминал, како и други прашања кои што ги загрозуваат инвестициите и економскиот раст“, се вели во соопштението.
Самитот во Лондон е дел од дипломатската иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел за одржување на динамиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Претходните самити се одржаа во Виена, Париз и Трст.
Од македонската влада за приемот соопштија дека премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Бујар Османи имале одвоена средба со Меј и министерот за надворешни работи Борис Џонсон, на која што „беше изразен посебен интерес за спроведувањето на реформите во Република Македонија, како и за добрососедските односи и за проектите во регионалната соработка, што беа акцентирани за време на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој што се одржа вчера во Лондон“.