Тетовските пожарникари неколку дена напорно работат на пронаоѓање на преживеани жители во градот Адијаман кој се наоѓа во југоисточниот дел на Турција. Овој град е меѓу потешко погодените од катастрофалниот земјотрес.
Деветмината тетовски пожарникари работат заедно со поголемиот дел од македонските пожарникари и со лицата од Дирекцијата за заштита и спасување. Велат дека најчесто од под урнатините извлекуваат мртви тела, но посебно се среќни што вчера, по пет денови од земјотресот, успеале да извлечат преживеана 38 годишна жена.
„Градот Адијаман има 180 илјади жители и целиот е разрушен. Како што одминува времето се повеќе наоѓаме мртви тела под урнатините. Иако вчера успеавме да извлечеме од под урнатините преживеана жена, денеска, сабота, за нас е посебно тежок ден. Само во една урната зграда извадивме околу 20 загинати нејзини жители. Но, и покрај ова продолжуваме со потрагата и се надеваме дека ќе најдеме уште преживеани“, информираше Авни Амети, командант на тетовската противпожарна единица.
Градот Адијаман наоѓа во близина на границата со Сирија и претежно е населен со Курди.
Тетовските пожарникари во Турција дојдоа на 8 февруари, а утре, 12 февруари, треба да се вратат назад.
З. АНДОНОВ