ТЕВДОВСКИ КАЖА ДЕКА ЌЕ ГИ ОБЈАВИ ХОНОРАРИТЕ НА ДАВИТКОВСКИ ЗА НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ ЗАКОНИ ЗА АДМИНИСТРАЦИЈА, ОТКАКО ПРОФЕСОРОТ РЕЧЕ ДЕКА НЕМА РЕФОРМИ

    ТЕВДОВСКИ КАЖА ДЕКА ЌЕ ГИ ОБЈАВИ ХОНОРАРИТЕ НА ДАВИТКОВСКИ ЗА НЕФУНКЦИОНАЛНИТЕ ЗАКОНИ ЗА АДМИНИСТРАЦИЈА, ОТКАКО ПРОФЕСОРОТ РЕЧЕ ДЕКА НЕМА РЕФОРМИМинистерот за финансии Драган Тевдовски кажа дека до крајот на годината податоците за плаќањата преку трезорот ќе ги објават јавно на веб страница, по примерот на Словенија. - Драган Тевдовски; Борче Давитковски (Фото: СДК.МК)

    Во Македонија нема и не може да има вистинска реформа на јавната администрација, бидејќи нема политичка волја, кажа професорот од Правниот факултет во Скопје Борче Давитковски на панел дискусијата на презентација на проектот „Предизвици во реформите во јавната администрација“, кои го спроведоа СИГМА и Европската комисија.

    Тој рече дека изјавите на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски дека со јавната администрација треба да раководат непартиски стручни кадри е само декларативна.

    „Кога во 1999 година ја правевме реформата на јавната администрација имаше една шега дека 60 отсто од населението се Македонци, 30 отсто се малцинства и 10 отсто се американски експерти за реформа на јавната администрација. Сега состојбата е слична со тоа што експертите се од Европа. Со должна почит кон експертите кои се овде за да помогнат. Но За каков топ менаџмент зборувате, за каква стручност и компетентност, кога во првите 10 месеци од владеењето при именувањето нови директори на институциите ја утнавме работата“, кажа проф. Давитковски.

    Министерот за финансии Драган Тевдовски, кој беше еден од главните говорници на панел дискусијата, кажа дека едни исти луѓе многу долго време ги пишувале законите во Македонија, но и покрај тоа немало значаен резултат од овие законски решенија. Тој најави дека до крајот на годината податоците за плаќањата преку трезорот ќе ги објават јавно на веб страница, по примерот на Словенија, и дека ваквиот начин на транспарентност ќе биде добар за граѓаните и ќе знаат како и каде се трошат јавните пари.

    „Во однос на јавните податоци ќе го отвориме и делот за исплаќањето хонорари што се давале во јавните институции со години наназад“, кажа Тевдовски.

    Тој најави дека ќе направат промени на Законот за јавен долг со кои ќе ги обврзат сите јавни институции да ги достават до Министерството за финансии сите податоците за доспеаните, а неплатени долгови, кои потоа ќе ги објават јавно и така ќе прават притисок да не се натрупуваат овие долгови.

    Манчевски пак кажа дека со Стратегијата за реформа на јавната администрација, која владата ја усвои минатиот месец, планирана е реорганизација на администрацијата преку дигитализација, дека формирале Совет за информатичко комуникациски технологии како и Совет за следење на реформите на јавната администрација и јавните финансии, со кој раководи премиерот Зоран Заев.

    „Се согласувам со забелешките од експертите од европската комисија дека имаме превработеност во администрацијата, односно дека е преголем бројот на помлади соработници без соодветна менаџерска структура во многу институции. Работиме да привлечеме високо-образовен кадар и отсега вработувањата во администрацијата ќе бидат според потребите на администрацијата, а не на партијата. Цврсто верувам дека дигитализацијата ќе ја реформира администрацијата. Имаме сојузници во дел од институциите да се спроведе оваа реформа, иако свесноста дека е потребна реформа не е доволна. Затоа го формиравме за следење на реформите, кој ќе го користи премиерот за да ги освести оние кои не се свесни дека се потребни промени“, рече Манчевски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира