ТЕВДОВСКИ ПРЕДЛОЖИ 18 ОТСТО ДАНОК ЗА ПРИХОДИ НАД 1.000 ЕВРА, АНЃУШЕВ САКА ПОВИСОК ПРАГ

    ТЕВДОВСКИ ПРЕДЛОЖИ 18 ОТСТО ДАНОК ЗА ПРИХОДИ НАД 1.000 ЕВРА, АНЃУШЕВ САКА ПОВИСОК ПРАГВицепремиерот Кочо Анѓушев кажа дека одлично соработуваат со министерот за финасии Драган Тевдовски и дека не е демократија ако сите имаат исто мислење. (Фото: М.Златевска)

    Министерот за финансии Драган Тевдовски и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев имаат различни ставови колкав треба да биде прагот за воведување прогресивен персонален данок на доход. Тие беа меѓу главните панелисти на денешниот економски форум „Македонската економија меѓу визија и дилема: Предизвици на економските политики“, кој го организираше невладината „Фајненс тинк“ во рамки на проектот „Фисткаст“ финансиран од амбасадата на Велика Британија.

    Тевдовски кажа дека според податоците што го добиле од Управата за јавни приходи само два отсто од населението во земјава има плата или месечен доход над 1.000 евра, а останатите 98 отсто се под оваа граница.

    „Сметаме дека сите оние што имаат месечна плата над 1.000 евра или доход по друг основ треба да плаќаат прогресивен данок на доход. Тоа значи дека за сумата до одредениот праг или до 1.000 евра ќе плаќаат 10 отсто персонален данок, а за сумата над овој праг да плаќаат по даночна стапка од 18 отсто. Сметаме дека оваа стапка нема да удри на средната класа. Наскоро законското решение ќе го објавиме на ЕНЕР и очекуваме широка јавна дебата“, кажа Тевдовски.

    Тој рече дека воведување на оваа мерка позитивно ќе се одрази на приходната страна на буџетот и дека во соседна Албанија пред неколку години имало отпор против вакво оданочување, но дека тоа било успешно воведено.

    „Во Албанија воведоа прогресивен данок и покрај негодувањата, таму воведоа две стапки од 13 и од 23 отсто и тоа умерено се воведуваше. Планираме и кај нас да се оди со умерени мерки“, кажа Тевдовски.

    Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека околу прогресивниот данок не се сложува само околу прагот за оданочување, оти ако тој се постави многу ниско ќе биде контрапродуктивен. На прашањето дали соработува со министерот Тевдовски на програмата за економски развој или и за неа имаат различни ставови, Анѓушев кажа:

    „Нема конкретен праг на кој треба да се постави прогресивното оданочување, но лично сметам дека тој треба да биде повисок. Со министерот Тевдовски имаме одлична соработка. Не знам каква е таа демократија ако сите имаме исто мислење. Видовме таква демократија во минатата Влада. Со министерот Тевдовски одлично соработуваме, три пати неделно имаме заеднички состаноци за економската програма, а еднаш во две недели и во Владата во рамки на економскиот совет што го води премиерот Заев. Околу несогласувањето со прагот за прогресивниот данок, сè уште како Влада не сме зазеле став и сметам дека треба да има дебата“, кажа Анѓушев.

    Тевдовски исто така кажа дека одлично соработува со вицепремиерот и кажа дека и покрај тоа што Анѓушев не е економист, туку машински инженер, сепак тој е огромна додадена вредност во Владата.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира