Претходната болест од која се лекувало 27-годишното момче од Битола кое денес почина од КОВИД-19, иако била малигна, не придонела тој да биде поосетлив на коронавирусот или полесно да се инфицира од него, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК докторката Светлана Кочева, педијатар хематоонколог од Детската клиника во Скопје, која го лекувала како дете. Таа апелира до сите граѓани да бидат претпазливи зашто секој може да заболи, а не само лицата кои претходно имале други сериозни заболувања.
„Момчето кај нас се лекуваше од 2006 година, тоа е одамна и досега се поминати 14 години. Тој е подолго време, односно повеќе од десет години во ремисија што значи потполно излекување и немал никакви симптоми и тегоби. Така да, оваа инфекција за него би требало да биде иста како и за сите други”, рече лекарката.
Бидејќи момчето, како што соопштија и од Министерство за здравство во детството боледувало од акутна миелодидна леукемија, било лекувано со цитостатици. Но, Кочева вели дека таквата терапија може да доведе до некои секундарни нарушувања, да ја намали одбранбената моќ на организмот, непосредно по завршување на третманот или шест месеци по примањето на хемотерапијата.
„Но, после тоа организмот се однесува како и секој друг здрав човек. Сите треба да внимаваат. Неговата претходна болест не придонела тој да биде поосетлив или да ја добие полесно болеста КОВИД-19. Не, тоа не е поврзано. Но, како организмот ќе се справи и дали тоа долготрајно лекување можеби ги намалило можностите за одбрана на организмот тоа останува прашање”, додава Кочева.
27–годишниот битолчанец почина денес на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје каде беше префрлен на лекување од 26 јули. Пред да биде однесен таму момчето беше лекуван во Клиничката болница во Битола пет дена. Тој е четвртата жртва што во Битола ја однесе болеста КОВИД-19.
Во Битола денес се регистрирани пет нови лица заразени со коронавирус, со што бројката на активни случаи се искачи на 71. Од март до сега со оваа болест се заразиле 142 битолчани.
„Во Клиничката болница во Битола утрово имаше 30 хоспитализирани пациенти од кои четворица на кислородна поддршка и во тешка состојба”, рече директорката Билјана Гагачовска.
Ж.ЗДРАВКОВСКА