Министерството за здравство ги ревидира хонорарите од над 100.000 денари месечно, што ги земале луѓе ангажирани од поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Откако ќе заврши ревизијата, според министерот за здравство Арбен Таравари, јавноста ќе добие информација за што биле ангажирани овие луѓе и зошто им биле делени толку високи хонорари.
„Има голем број лица ангажирани со договор на дело, кои земале месечно суми од пет до шест просечни плати. Се уште немам инфорамција за колку лица станува збор, бидејќи во тек е ревизијата. Колку точно пари се трошеле за ангажман на овие луѓе исто така не знам, но станува збор за добри плати, за западноевропски плати“, рече Таравари.
Тој рече дека по завршување на ревизијата ќе каже што ќе преземе.