ТОЛКУ ПАРИ ДА СНЕМА ОД ПАРТИСКАТА КАСА И НИКОЈ ДА НЕ ЗАБЕЛЕЖИ, НЕ МИ Е ВЕРНО ТОА, СВЕДОЧЕШЕ МИЈАЛКОВ НА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО ЗА ГРУЕВСКИ“

    ТОЛКУ ПАРИ ДА СНЕМА ОД ПАРТИСКАТА КАСА И НИКОЈ ДА НЕ ЗАБЕЛЕЖИ, НЕ МИ Е ВЕРНО ТОА, СВЕДОЧЕШЕ МИЈАЛКОВ НА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО ЗА ГРУЕВСКИ“Според статутот на ВМРО-ДПМНЕ, со партиската каса располага претседателот на партијата. - Мијалков на денешното судење за „Плацеви на Водно“ (Фото: СДК.МК) (Фото: СДК.МК)

    По признанијата од страна на обвинетите во „Плацеви на Водно” Ристо Новачевски, Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ на минатото рочиште, кога со сведочењата потврдија дека сè е точно во обвинението на Лиле Стефанова и раскажаа како му помогнале да ја затскрие Никола Груевски фирмата и плацевите кои ги купил преку неа со пари од членарината на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ, денеска одбрана даде Сашо Мијалков. 

    Обвинет е дека со умисла помогнал во перењето на парите на избеганиот поранешен премиер, кој ги собрал од сефот на партијата. 

    На почетокот кажа дека ќе дава одбрана, но апелираше судијата Илија Трпков најголема доверба да поклони на фактичката состојба, а не толку на неговата и на изјавите на останатите обвинети, за кој тој рече дека имало невистини.

    На прашање на неговиот адвокат, сепак кажа дека никому не дал ни упатство, ни совет, ни средства за да се исперат пари. Тој рече, ни според досегашната фактичка состојба, никаде нема доказ дека тоа тој го сторил.

    „Никогаш од мене и не побарал некој да му помогнам да прикрие незаконски имот. Тоа само Александар Ивановски (Алек Теранова) го тврди, а нигде не видовме доказ за тоа”, негираше Мијалков.

    На следно прашање, дали отстапил офшор компанија за да се поминат паричните средства на Груевски кои се од кривично дело, одговори:

    „Не сум знаел за нелегални пари. Не сум имал допирна точка до партиската каса. Никој не спомнал дека недостасуваат толку многу пари. Толкав износ да снема, а никој да не забележи? Не ми е верно мене тоа”, кажа Мијалков.

    „За офшор компанијата сувишно е да зборам. Си кажаа тука кој ја отворил, чија била, кај ја однел… мене никој не ме спомна. Да имав јас врска, тука ќе имаше докази дека имам поврзаност со офшор компанијата”, додаде Мијалков.

    Мијалков беше посочен од Ивановски како налогодавач да се отвори овде на име на Ристо Новачевски фирма ќерка на офшор компанијата од Белизе, а која била фактички на Груевски. Тука легнале околу милион ипол евра од членарината од ВМРО-ДПМНЕ, кои според обвинението, Груевски ги украл од партискиот сеф.

    Потоа со тие пари ги купил плацевите, кои како што кажа Камчев во сведочењето, во 2015 година ги трампал за три луксузни апартмана во „Панорама резиденс“, исто така на Водно, а кои и до денеска му ги чува сведокот Мето Стојчевски (сопруг на сестра му Тина Камчева).

    Во судницата влезе да сведочи зетот на Камчев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира