ГРУЕВСКИ ГИ ЗАМЕНИ ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СО ТРИ СТАНА ВО „ПАНОРАМА РЕЗИДЕНС“ ОД 750 КВАДРАТА, СВЕДОЧЕШЕ КАМЧЕВ

    ГРУЕВСКИ ГИ ЗАМЕНИ ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СО ТРИ СТАНА ВО „ПАНОРАМА РЕЗИДЕНС“ ОД 750 КВАДРАТА, СВЕДОЧЕШЕ КАМЧЕВКамчев се правдаше дека морал го купи земјиштето на Водно на „Сирах инженеринг“, купено во име на Груевски, затоа што, како што кажа во сведочењето, Груевски имал карактер на одмаздољубивост. (Фото: Архива на СДК.МК)

    По сведочењата на обвинетите Ристо Новачевски, кум на Никола Груевски, и на Ненад Јосифовиќ, на денешното судење за „Плацеви на Водно“ сведочеше и обвинетиот Орце Камчев, кој откри дека избеганиот експремиер ги заменил плацевите на Водно со три стана со површина од 750 м2 на атрактивна локација, исто така, на Водно. Камчев се правдаше дека морал да го купи земјиштето на Водно на „Сирах инженеринг“, купено во име на Груевски, затоа што, како што кажа во сведочењето, Груевски имал карактер на одмаздољубивост.

    „До 2015 година немав чуено за Сирах. Дојде Ненад Јосифовиќ во канцеларија, ми кажа еве ова е фирма која е предадена да прават бизнис зделки. Раскажа, мои луѓе се, рековме добро, пробај да се откачиш од таа фирма, немаш таму ниту влез, ниту излез на пари. Потоа ми се јави Сашо Мијалков. Ми рече да го примиш Ристе на кафе. Ми кажа дека го праќа Груевски во врска со земјиште на компанија сопственост на Ристе, и на друга на Ненад. Тогаш немав контакт со Груевски, имаше сестра ми. Ми кажа дека земјиштето што го поседува Сирах, Груевски ја прашал дали може да го купиме. Размисливме и познавајќи го неговиот карактер на одмаздољубивост, го купивме. Преку сестра ми прати порака една локација да се задржи, а другите, кои не вределе, да се размисли да се надомести во соодветен адекватен имот. Тоа беше првиот договор во 2015 година. Потоа Груевски се откажа комплетно од сите плацеви, побара адекватни станови. Пошто требаше да се затвори целата трансакција, сите плаќања од Орка кон Сирах лимитед и така натаму, се направени комплетно така како што обвинителството ги има напишано. По барање на Груевски, плацевите се компензираа со станови на атрактивна локација од 750 метри квадратни. Пошто требаше некако да се обезбеди преносот, во 2015 од негова страна, фирма влезе како соосновач во зградата во која се градеа становите. Не сакам да кријам сопственост, а најмалку на Груевски. Потоа фирмата требаше да го врати уделот, а потоа да земе за таа вредност станови кога ќе се добијат имотните листови. Првата трансакција беше во 2016 година, а првиот имотен лист во 2020 година. Ова е вистината за делот што сум обвинет“, кажа во сведочењето Камчев.

    Што се случи сега со овој имот, кој е сопственик, праша одбраната.

    „Па физичко лице како Ненад, како Ристо, нереален сопственик кој се вика Мето Стојчевски“, одговори Камчев.

    Во вкрстено испрашување, обвинителката Лиле Стефанова го праша дали во разговорот со Ненад Јосифовиќ ви ги наброја сите луѓе што биле вмешани за фирмата во 2012?

    „Да, Алек, Серјожа, Сашо, Менка, Ристе“, одговори Камчев.

    Дали ви го спомна Сашо Мијалков, праша Стефанова.

    „Да, ми го спомна“, рече Камчев.

    Вие иако формално правно направивте купопродажен договор, сепак завршивте со размена за станови?

    „Да“, кажа Камчев.

    Каде се тие станови кои беа за Никола Груевски во замена за земјиштето кое го купи Орка Холдинг, праша обвинителката.

    „Во зградата Панорама резиденс, три апартмана во квадратура од 750 метри квадратни. Не се под хипотека, се чуваат за примопредавање. Ги чува Мето Стојчевски. Знам дека се за Никола Груевски, тоа е јас што знам“, одговори Камчев.

    Овој судски процес е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.
    Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира