ТОПЛОТО ВРЕМЕ ЗА 50 ОТСТО ГО ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ПОВИЦИ И ИНТЕРВЕНЦИИ НА БРЗА ПОМОШ

    ТОПЛОТО ВРЕМЕ ЗА 50 ОТСТО ГО ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА ПОВИЦИ И ИНТЕРВЕНЦИИ НА БРЗА ПОМОШМинистерството за здравство, минатата недела кога беше најавен топлотниот бран, излезе со препораки да се ослободат од работа бремените жени, граѓаните на возраст над 60 години, а работодавачите да ја прилагодат работата за работниците на отворено и таа да не се одвива во периодот од 11 до 17 часот. (Фото: К. Попов)

    Топлото време од портокалова фаза го зголеми бројот на повици и интервенции во скопската Брза помош. Граѓаните овен што бараат медицинска помош, бараат и совети како да се справат со топлото време.

    „Зголемен е бројот на повици со оглед на високите температури од топлотниот бран што ја зафати земјата, а зголемен е бројот на колапси. Се зголеми и бројот на колапси на отворено, не само во домашни услови“, вели д-р Весна Неделковска, раководител на смена во Итната медицинска помош во Скопје.

    Таа вели дека граѓаните главно ги почитуваат препораките за заштита од високи температури, а дека се почесто имаат и повици од граѓани кои бараат совет што треба да направат за да се заштитат.

    „Ако дневно вообичаено имаме стотина повици, сега се зголемени за половина. Велам повици, но не и интервенции, бидејќи голем дел од повиците се и во кои граѓаните бараат совет како сами да се справат. Најчесто интервенираме за колапси и во домашни услови кај хронично болни или повозрасно граѓани“, вели Неделковска.

    Министерството за здравство, минатата недела кога беше најавен топлотниот бран, излезе со препораки да се ослободат од работа бремените жени, граѓаните на возраст над 60 години, а работодавачите да ја прилагодат работата за работниците на отворено и таа да не се одвива во периодот од 11 до 17 часот. Министерството за труд и социјални работи повика инспекцијата да врши засилени контроли дали се почитуваат овие препораки.

    „Досега не сме имале повици за колапс на вработени кои работат на отворено. Препораките за заштита од топлотен бран да не се излегува надвор од 11 до 17 часот да се почитуваат, а ако во тој период треба да се оди надвор да се носи тенка и светла облека, да се пијат течности главно вода и да се намали бројот на оброци со тоа што ќе изобилуваат со овошје и зеленчук“, вели Неделковска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари