ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКЕНА СРЦЕВИНА ОД НЕСРОДЕН ДАРИТЕЛ ИЗВРШЕНА НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА

    ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКЕНА СРЦЕВИНА ОД НЕСРОДЕН ДАРИТЕЛ ИЗВРШЕНА НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА„Остваруваме сон на многу генерации хематолози. Покрај 18 години примена на сродна трансплантација, од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта - директорката на Клиниката за хематологија д-р Пановска Ставридис - (Фото: СДК.МК)

    Трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител минатата недела е извршена на Клиниката за хематологија, соопшти директорката на Клиниката за хематологија во Скопје Ирина Пановска Ставридис.

    Хематопоетски клетки од несроден дарител доби 22 годишниот Филип Димишковски, кој е студент на Правниот факултет во Скопје. Болеста му била откриена пред една година. Откако никој од семејството не бил компатибилен да му дараува матични клетки, со лекарите одлучиле да бараат од несроден дарител.

    „Од денес лекувањето на тешки малигни заболувања на крвта се врши по еднакви процедури, како во кој било светски или европски современ центар. Таа е веќе редовно достапна за сите пациенти во нашата држава. Со ова нашата држава стана дел од Европскиот регистар, а воедно се овозможува голема заштеда на средства, кои остануваат во здравствениот систем“, рече министерот за здравство, д-р Венко Филипче.

    Тој рече дека го реализирале ветувањето за инвестиција на Клиниката за хематологија и дека продолжуваат инвестициите во инфраструктура во јавниот здравствен систем.„Министерството продолжува со поддршката на сите вакви проекти, кои значително го подигнуваат квалитетот во функционирањето на здравствените установи“, рече Филипче.

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев кажа дека пациентите нема потреба повеќе да патуваат во странство и да плаќаат огромни финансиски средства за лекување ваков тип на болести.

    За операција на коскена срцевина, која е една од најскапите интервенции, досега се одвојувале меѓу 110.000 и 120.000 евра, а во некои случаи и до 250.000 евра, во зависност од земјата и видот на самата интервенција.

    „Првпат во Република Македонија направивме трансплантација на матични клетки од несроден донор кај пациентот Филип Димишковски (22), кој боледуваше од акутна миелобластна леукемија, и кој со ова влезе во историјата на македонската медицина. Остваруваме сон на многу генерации хематолози. Покрај 18 години примена на сродна трансплантација, од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта, а сега се отвора можност покрај домашните, да се лекуваат и странски пациенти на Клиниката за хематологија“, рече директорката д-р Ирина Пановска Ставридис.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира