Во 80 општини ќе се спроведува шестата по ред националната еко-акција „Генералка викенд“, која трае од денес до 10 мај, на повеќе од 500 локации низ целата земја.
Овие еко-акции се организирани од „Мен енд Маунтен“, со поддршка од нивните официјални партнери: „Пивара Скопjе“, „Пакомак“, „Нула Отпад“, „Макстил“, ЕВН, ИУТЕ, „Заубермахер“, КАЗ Груп и „Шпаркасе Банка“ и во соработка со општините и Црвениот Крст.
Годинава, во акцијата се вклучени десетици илјади волонтери, над 600 организации, 250 државни институции, училишта и приватни компании.

Официјалното отворање на настанот се одржа во Скопје, каде што Градот Скопје организираше акција за чистење на кејот на реката Вардар, од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“. (Фото: К. Попов)
„’Мораме да склучиме пријателски договор со планетата земја и да ја третираме како рамноправен партнер’, има кажано филозофот Мишел. Се сложувам со него. За жал, човештвото влезе во војна со планетата, со билките и со животните. Не само што ја губиме битката со планетата, туку трчаме кон самоубиство. Изразувам огромна благодарност до иницијаторите на ‘Генералка Викенд’ и ние граѓаните треба да научиме дека секој ден вака треба да го почнуваме денот, не само еднаш годишно, исто како Jапонците, првин чистат секој во своето опкружување, а потоа одат на работа. Ова мора да стане филозофија на животот“, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, рече дека со големо задоволство учествува години наназад во оваа акција и дека „ Генералка викенд“. е импресивен македонски бренд. Целата земја е вклучена во чистењето на иднината на Македонија“, изјави Памер.



