ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО ЛАНИ БЕШЕ 1,6 МИЛИЈАРДИ ФУНТИ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ЛОСОН

    ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО ЛАНИ БЕШЕ 1,6 МИЛИЈАРДИ ФУНТИ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ЛОСОНТрговската размена бележи раст од 18,9 проценти во однос на претходната година, а според податоците за првите два месеци од 2026, трговската размена изнесува 374 милиони евра, што е раст од 43,4 проценти на годишна основа. (Фото: К. Попов)

    Македонија моментално е најголем трговски и инвестициски партер на Обединетото Кралство на Западен Балкан со вкупна билатерална трговска размена од 1,6 милиони фунти во 2025 година, рече британскиот амбасадор Метју Лосон на одбележување на 3-годишнината од формирањето на Британската бизнис асоцијација во земјава. Трговската размена бележи раст од 18,9 проценти во однос на претходната година, а според податоците за првите два месеци од 2026,  трговската размена изнесува 374 милиони евра, што е раст од 43,4 проценти на годишна основа.

    „Формирањето на Британската бизнис асоцијација (ББА) се совпаѓа со период на значајни пресвртници во билатералните односи и се надоврза на одбележување на 30 години дипломатски односи, а се зајакна со потпишување на Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Овој договор ќе ги поддржи критичните инфраструктурни проекти во транспортниот, енергетскиот, здравствениот и технолошкиот сектор, како дел од рамката за финансиска поддршка од 5 милијарди фунти“, рече Лосон.

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска кажа дека извозот на македонски производи на британскиот пазар во 2025 година достигна 116 милиони евра, со раст од 14,3 проценти, додека во првите два месеци од оваа година бележиме дополнителен раст од 1,9%. Од друга страна, увозот од Обединетото Кралство во 2025 година изнесуваше 1,46 милијарди евра, што претставува раст од 19,3 проценти, а во првите два месеци од 2026 година тој раст е уште поизразен.

    „Во периодот од 2014 до 2025 година, кумулативниот прилив на странски директни инвестиции од Обединетото Кралство достигна 250,1 милиони евра, што претставува 4,5 проценти од вкупните странски инвестиции во земјата. Највисок прилив е регистриран во 2024 година, кога британските инвестиции достигнаа 221,3 милиони евра, што е силен сигнал за довербата на британските инвеститори во македонската економија. Британските инвестиции имаат посебно значење затоа што тие не значат само финансиски капитал. Тие носат нови технологии, повисоки стандарди во работењето, развој на човечки капитал, отворање квалитетни работни места и создавање нова вредност во економијата“, рече Димитриеска-Кочоска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира