Трговците треба да ги намалат цените на училишниот прибор за 10 отсто во трговијата на големо и 15 отсто во трговија на мало, одлучи Владата на денешната седница. Од Владата велат дека со мерката треба да се спречи на растот на цените на училишниот прибор пред почетокот на учебната година и да се заштити животниот стандард на граѓаните.
„Со оваа одлука, трговците на мало и големо кои продаваат училишен прибор, односно ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т. е. намалена цена, односно најмалку 10% во трговијата на големо и најмалку 15% во трговијата на мало“, соопшти Владата.
Мерката ќе важи од 15 август до 15 септември годинава, а трговците се должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена која важела на први јуни годинава, која се зема како базична цена на која се утврдува намалувањето.
„Пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис ‘Помалку трошоци, повеќе за тебе’, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис ‘Попуст на училишен прибор од најмалку 15 отсто‘“, велат од Владата.