ТРИ БАНКИ ПОБАРАА СТЕЧАЈ ЗА ФЕНИ, ИМ ДОЛЖИ 40 МИЛИОНИ ЕВРА

    ТРИ БАНКИ ПОБАРАА СТЕЧАЈ ЗА ФЕНИ, ИМ ДОЛЖИ 40 МИЛИОНИ ЕВРАЗаостаната плата на вработените, што им беше исплатена минатиот петок, е обезбедена со позајмица од фирма со која Фени соработува, рече Хари Костов, главен извршен директор на Комерцијална банка, која е една од трите банки на кои комбинатот должи

    Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк Роуд банка АД Скопје денес до надлежниот суд во Велес поднеле предлог за почнување на стечајна постапка за компанијата за фероникел од Кавадарци „Фени индустри“, бидејќи вкупниот долг што го има кавадаречката фирма кон трите банки не може да го сервисира.

    Хари Костов, главен извршен директор на Комерцијална банка АдСкопје, на денешниот брифинг во Владата, рече дека предлогот што го поднеле до судот е за реструктуирање и реорганизација на Фени преку стечај, за да се обезбеди инвеститор кој би ги покрил долговите на компанијата како кон трите банки, така и кон други доверители. Фени на останатите доверители, како што се компании за транспорт, за набавка на репроматеријали, за струја, должи уште 20 милиони евра.

    Костов објасни дека сопственик на Фени е групацијата Кунико, има 91 отсто од сопственоста во кавадаречката фирма, и која во август годинава кажала дека не може да ги плати долговите, ниту да обезбеди средства за работа на фабриката. Сpпственици пак на Кунико групацијата се Интернешнл минерал рисорсес и Самерсад Инвејстед, а зад нив стојат физички лица од Казахстан и бившите советски републики. Останатите 9 проценти од компанијата се сопственост на групацијата БСГ зад која стои израелски државјанин.

    „До 2015 година Кунико и БСГ имаа еднаква сопственост од по 50 отсто. Кунико стана доминатен сопственик на Фени во 2015 година по одлука на холандскиот суд, со обврска Кунико да обезбеди сметка со 68 милиони долари од кои Фени ќе може да влече средства за работа. Но, Фени не искористил ни долар од оваа сметка, а за работење на комбинатот се продавани залихи од суровини и готови производи, кои беа во залог на банките, без дозвола од банките. Во август годинава Фени престана да ги сервисира долговите. По неколку средби меѓу Кунико и банките, сопственикот се изјасни дека нема пари да го плати долгот и дека не може да обезбеди средства за работа на фабриката. Се согласи да ја продаде сопственоста во Фени, со услов новиот инвеститор да ги преземе и долговите“, рече Костов.
    Тој кажа дека без знаење на банките Кунико наводно ја продал сопственоста на бугарската компанија Енкод, и дека за овој договор нема никаков доказ, ниту банките го виделе договорот, а промената на сопственост не е внесена во Централниот регистар.

    „Енкод наводно го потпишал договорот си Кунико пред сопственикот на Фени да преговара со банките. Имавме неколку обиди за преговори со Енкод, но тие завршија неуспешно, оти Енкод понуди ниска сума за сервисирање на долговите, не понуди бизнис план и даде ветување за недоволни средства кои би ги вложил во работа на компанијата“, рече Костов.

    Тој кажа дека затоа трите банки се одлучиле да побараат стечај и низ стечајна постапка да се најде инвеститор.

    „Нашата цел не е Фени да престане да работи и од продажба на имотот да го наплатиме долгот, туку да се најде инвеститор кој ќе обезбеди работа на фабриката и при тоа ќе ги сервисира долговите“, рече Костов.

    Вицепремиерот Кочо Анѓушев, кажа дека Владата не може да го реши проблемот, бидејќи ова е комерцијален проблем меѓу банките и приватна компанија, но дека ќе им помогне во процесот, бидејќи Фени е значајна за индустријата.

    „Владата е заинтересирана Фени да опстане, бидејќи компанијата е значајна за индустријата, вработува 800 луѓе, соработува со многу други помали фирми и затоа ќе помогнеме во процесот да се најде инвеститор“, рече Анѓушев.

    Тој кажа дека финансиската полиција и Управата за јавни приходи направиле контроли врз работењето на Фени, и дека биле изненадени од она што го нашле таму.

    „Ќе кажам само дека компанијата не поднела завршна сметка и дека тоа некој го дозволил. Како Влада ќе се залагаме секој што ги прекршил законите да понесе одговорност“, рече Анѓушев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира