Обвинителот сè уште нема донесено одлука дали ќе биде обвинет поранешниот прв вицепремиер Артан Груби осомничен за проневера од 8,2 милиони евра во Државна лотарија, кој 14 месеци по бегството во Косово се врати во земјава и поседе во притвор само неколку саати во затворот во Шутка. Кажа дека не се чувствувал безбеден во Шутка, па обвинителот, оперативци од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и од Министерството за внатрешни работи (МВР) и судијата на претходна постапка веднаш го извадија од затворот со предлог за мерка куќен притвор.
Груби (48) се предаде на Блаце на 23 февруари 2026 и спротивно на досегашната пракса за бегалци од правдата, не остана во притвор. Актуелниот државен обвинител Ненад Савески на новинарско прашање, пред два дена не даде конкретен одговор кога би завршила истрагата за злоупотреби за Државна лотарија.
Во врска со постапката за Груби, Савески кажа дека секој јавен обвинител изготвува истражен план, во кој утврдува кои докази треба да се обезбедат. Нагласи дека постапката за Груби е сè уште во тек, се прибираат докази и се вршат истражни дејствија и проценка е на надлежниот обвинител колку време ќе му биде потребно за обезбедување докази. Законскиот рок за една истрага е 6 месеци, но во принцип, тој рок може да се продолжи кај истрагите ако обвинителот има потреба за такво нешто.
На 24 ноември 2025, тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека доказите за Груби се собрани, се чека само негова екстрадиција од Косово.
Покрај Груби, осомничен во овој случај е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на Државна лотарија. И тој е во бегство.
Груби беше баран со меѓународна потерница откако во декември 2024 ја напушти државата заминувајќи во Косово, по отварање на истрагата за проневера на 8,2 милиони евра од Државна лотарија. За Груби Обвинителство побара притвор за сторено кривично дело Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик.
Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повика и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена.
С. К. ДЕЛЕВСКА



