ТРИТЕ СИСТЕМИ ЗА НЕЛЕГАЛНО ПРИСЛУШУВАЊЕ ЗА КОИ МИЈАЛКОВ СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ГИ ДЕТЕКТИРАЛЕ ИЗРАЕЛЦИ БИЛЕ ОБИЧНИ АНТЕНИ НА ВИП, ПОКАЖА ВЕШТАЧЕЊЕТО

    ТРИТЕ СИСТЕМИ ЗА НЕЛЕГАЛНО ПРИСЛУШУВАЊЕ ЗА КОИ МИЈАЛКОВ СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ГИ ДЕТЕКТИРАЛЕ ИЗРАЕЛЦИ БИЛЕ ОБИЧНИ АНТЕНИ НА ВИП, ПОКАЖА ВЕШТАЧЕЊЕТОПри скенирањето, на Израелците не им биле дадени сите податоци за базните станици, па тие констатирале незаконски прислушни системи на повеќе места во Скопје. (Фото:СДК.МК)

    По сведочењето на обвинетиот Сашо Мијалков минатата недела дека израелска фирма презентирала во неговиот поранешен кабинет во УБК оти само со лаптоп и антена може да се прислушува и дека тогаш тој лаптоп лоцирал три активни системи што прислушувале, а не биле тие од УБК, обвинителите Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска доставија дополнителни докази на крајот од судењето за „Тврдина-Таргет”, за да ја побијат теоријата дека незаконски прислушувала трета страна.

    Тие поднесоа докази со кои објаснија како била изманипулирана израелската опрема за на местата каде што има радиоантени, „детектира“ незаконски прислушни системи.

    Овие нови докази, рече Пеливанов, произлегоа од изјавата на обвинетиот Мијалков, а се од друга истрага, за конструирање на случајот „Странски служби и жолти комбиња”, што ги промовираа избеганиот експремиер Никола Груевски и тогашното обвинителство.

    Првин Ристоска и Пеливанов го презентираа извештајот од испитувањето на терен, изготвен од израелската компанија „Реизон груп“ на 30.12.2014 година, на 35 страници. Потоа го презентираа извештајот на наш вештак, кој констатира дека на местата каде што израелската опрема открила нелегални пресретнувачи на телекомуникации, всушност немало дива прислушна опрема, туку обични антени на операторот ВИП, поставени на згради.

    На 1.10.2014 година „Реизон“ добила барање од надлежните органи налог за испитување на постоење на незаконски активни системи за пресретнување на  комуникации. Биле поставени системите и бил скениран теренот на подрачјето на Скопје. Системот бил поставен на 1.10, а отстранет на 27.11. истата година.

    Според тој извештај, иако опремата била отстранета вечерта на 27.11.2014 година, евидентиран е датум 28.11.2014 година.

    „Тој систем детектира дали лажен оператор ја има заменето оригиналната оперативна ќелија. Системот одредува дали незаконски биле пресретнувани комуникации. Има 11 датуми за периодот на скенирање, кога системот бил во функција. Со часови и локација каде се детектирани незаконски активни системи и во извештајот стои дека такви нелегални активни системи има во близина на МВР, во близина на Парламентот и во близина на Британската амбасада.  Додека работел активниот систем, експертите оствариле повик кон операторот, што предизвикало моментално исклучување на операторот, што според нив имало незаконско прислушување од тие базни станици. Откако пристигнале во областа на активноста, системот што го забележале, бил исклучен“, го почна воведот Пеливанов за тоа како, според него, израелската опрема и инженерите биле изманипулирани.

    Израелската компанија препорачала итно да се инсталираат 3 фиксни и еден мобилен систем во комбе определено за таа цел.

    „Трите се поставуваат на една територија во форма на триаголник, при што се лоцираат клонирани базни станици, а со мобилниот систем, комбето, на микролокација се детектира точно каде има активност на клонираната базна станица. Заклучокот во извештајот е дека ‘има најмалку еден незаконски систем за ГСМ следење, управуван од добро обучени професионалци’“, презентираше Пеливанов што има во тој извештај.

    Можностите на израелската опрема што ѝ се нудела на УБК да ја купи, биле следниве: да ги пресретнува сите разговори, да пресретнува смс-пораки, блокада на целиот телекомуникациски сообраќај, да испрати смс, да прекине телефонски разговори, да открие локација на телефонот и да инсталира „тројански коњ“ на телефонот.

    Извештајот од д-р Кире Јакимовски, што обвинителите едвај се изборија да го спротивстават на израелскиот, ги побива заклучоците на „Реизон“ и открива како била таа опрема изманипулирана.

    Вештачењето Јакимовски го извршил од 11.01. до 9.05.2018, по наредба на јавен обвинител од тогашното СЈО, во врска со претходниот извештај.

    Тамам да почнат да ги презентираат Ристоска и Пеливанов спротивните факти, адвокатите на Мијалков побараа тука да се прекине судењето и да се остане во делот само на израелскиот извештај. Кажаа дека треба да се подготват, да ги разгледаат цедеата дома, а потоа бараа вештачењето на Јакимовски да биде презентирано во негово присуство, без да се дозволи да се спротивстави тоа тврдење со вештачењето на Јакимовски.

    Во судницата настана мешаница, викање и противење на одбраната, со барање да се прекине кај израелскиот извештај. Ристоска упорно бараше објаснување зошто не сака одбраната да чуе зошто е спорен извештајот и во интерес на јавноста, која би била дезинформирана ако новинарите објават само за делот дека биле лоцирани нелегални базни станици надвор од МВР.

    Со ветување дека ќе заврши за 5 минути, Пеливанов конечно доби збор, а одбраната седна на местата.

    Судот одлучи да се оди докрај со презентацијата, а за наредното рочиште да биде повикано вештото лице.

    „Вештачењето е на 54 страници. Анализиран е извештајот на израелската компанија во делот на термините кога е вршено скенирање на територијата на Скопје. Утврдени се контрадикторности кога на 11-те датуми е утврдено незаконско прислушување низ Скопје. На истите базни станици, во близина на министерството (не се утврди кое мисли извештајот) и во близина на Парламентот, спротивно на наводите во извештајот на ‘Реизон’, утврдено е сосема нешто друго. Се констатира дека броевите на базните станици 15 и 666, кои израелската компанија ги детектирала како клонирани базни станици, не постојат на територија на град Скопје во октомври и ноември 2014 година, туку тоа се радиоканали од клетки на базни станици на ВИП. Едната базна станица била на зградата на ‘Кјуби’. Се работи за повеќе базни станици, кои со радиоканалот 666 работат клетки од повеќе базни станици од ВИП, кои имаат назив: мвр, средно водно и треска“, презентираше за што се работи Пеливанов.

    „При скенирањето на теренот на територијата на град  Скопје со опремата од израелската компанија ‘Реизон’, не им се дадени сите податоци за базните станици, ни локацискиот код ни радиоканалите на клетките со кои зрачат овие базни станици, при што израелската компанија неосновано констатирала дека во октомври и ноември 2014 година имало незаконско следење на комуникациите на територијата на Скопје преку клонирани базни станици“, кажа Пеливанов дека всушност на Израелците не им биле дадени да ги внесат овие радиоантени како податоци, па затоа ги појавила како незаконски системи за следење на комуникациите, надвор од УБК.

    Овој доказ на минатото рочиште го предложија двајцата обвинители, откако претходно низ свои сведоци и вештаци, како и со сведочењето на Мијалков, одбраната поведе иницијатива да докаже дека се прислушувало и на повеќе места надвор од УБК и од Петтата управа, наспроти обвинението кое тврди дека незаконското прислушување на стотици граѓани од 2008 до 2015 година, се вршело и се случувало само во МВР, односно во Управата за безбедност и разузнавање.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира