ТРОЈЦА ПАЦИЕНТИ ДОБИЈА СРЦЕ И БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДАРИТЕЛ

    ТРОЈЦА ПАЦИЕНТИ ДОБИЈА СРЦЕ И БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДАРИТЕЛОд синоќешната трансплантација на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ . (Фото: Фејсбук на Маја Манолева)

    Тројца пациенти добија срце и бубрези од починат дарител, соопшти Министерството за здравство за последната трансплантација од синоќа на скопските клиники.

    „Благодарение на хуманоста на едно семејство кое и покрај болката од загубата на член од семејството, успеа да собере храброст и да се одлучи да спаси не еден туку неколку животи, денес тројца пациенти добија здрави органи и шанса за нов живот. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот, изразувам длабоко сочувство за нивната загуба, но и почит за нивната одлука, за нивната хуманост и храброст. Живот може да се подари само ако за тоа имате доволно љубов и емпатија во себе. Благодарност и за целиот тим кој изминативе 24 часа без прекин работеше и сѐ уште работи на клиниките вклучени во трансплантацијата. Горд сум на медицинскиот кадар“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.

    Заменичката-министер Маја Манолева апелира хуманоста да биде водечка вредност што нè поврзува и обединува сите нас во едно општество.

    „Во моменти на загуба, семејствата како ова покажуваат дека вистинската сила лежи во способноста да ги делиме добрите нешта со другите. Донирањето на органи не само што спасува животи, туку создава и солидарност што позитивно влијае во целото општество“, вели Манолева.

    Првата трансплантација на црн дроб се случи на 24 ноември лани, а втората на 4 јануари годинава.  Лани имаше трансплантации и на 10 бубрега од починат дарители, 2 срца кај тешки пациенти и извршени 10 инплантации на коскени ткива.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира