ТРОЈЦА ПРИВРЗАНИЦИ НА ИСИС ОБВИНЕТИ ЗА ТЕРОРИЗАМ, ТЕСТИРАЛЕ ЗОЉА КАЈ МЕНКОВА КОЛИБА ВО КУМАНОВО

    ТРОЈЦА ПРИВРЗАНИЦИ НА ИСИС ОБВИНЕТИ ЗА ТЕРОРИЗАМ, ТЕСТИРАЛЕ ЗОЉА КАЈ МЕНКОВА КОЛИБА ВО КУМАНОВОА во хотелот „Ку-ба“, пак, ги тестирале, т.е. ги пукале експлозивните направи сами што ги правеле. - Специјалци ги апсеа терористите (Фото: СДК.МК)

    Три лица, следачи на идеологијата на ИСИС, денеска од Обвинителството за организиран криминал и корупција се обвинети за формирање терористичка организација и за кривично дело тероризам. До водачите, според соопштението од Јавното обвинителство на Македонија, е дојдено со помош на истрагата против осум лица која тече од декември лани.

    Лицето со иницијали Б.А. е главниот на терористичката организација од кумановско.

    „На почетокот на 2019 година, обвинетиот Б.А. создал злосторничка организација – терористичка организација ‘ќелија’, со идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС. Прифаќајќи го криминалниот план на терористичката група ‘ќелија’, припадници станале обвинетите В.А.и Е.Љ., како и осумтемина осомничени за кои се спроведува истражна постапка од 28.12.2020 година. Во терористичката група постоела координација и заедничко делување, со намера загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Секој член имал конкретни задачи и тоа: обвинетиот А.Б. како организатор обезбедувал пари за остварување на целите на злосторничката организација, го договарал и организирал набавувањето (купувањето) на оружјето, муницијата и воената опрема, организирал вежбовни активности поврзани со употреба на огнено оружје и експлозивните направи, организирал средби на кои се прикажувале видеа со радикална содржина, како и начинот на изработување на експлозивни направи. Обвинетите В.А.и Е.Љ. како припадници на злосторничка организација – терористичка група ‘ќелија’ добивале конкретни задачи од обвинетиот Б.А., обезбедувале логистичка поддршка и имале задача да обезбедат простории односно објект, во кој ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема. Воедно изработувале импровизирани експлозивни направи, обезбедиле патничко моторно возило со кое ќе се пренесува оружјето и учествувале во неговото пренесување и прикривање, а собирале и информации за движење и вршеле опсервирање на објекти и локации“, вели Јавното обвинителство.

    Обвинетите, дејствувале по однапред направениот план. Со намера да извршат едно или повеќе убиства, телесно повредување, уништување на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територија на Република Северна Македонија, од почетокот на 2019 година, се подготвувале, купиле, пренесувале и држеле експлозив, огнено оружје, муниција, гранати, бомби и воена опрема.

    Притоа обвинетите изработувале импровизирани експлозивни направи и во два наврата, од крајот на месец април до средината на месец август 2020 година, со намера да го испробаат разорното дејство на изработените експлозивни направи, ги употребиле во напуштениот објект на поранешниот Хотел „Ку-ба“ во близина на с. Проевце, Куманово.

    Како дел од обуката за користење на ракетен фрлач- зоља и на другото автоматско оружје, обвинетите од засега непознато лице набавиле ракетен фрлач – зоља и вршеле пробно испалување, како и пукање со автоматска пушка, и во близина на местото викано Менкова Колиба во близина на Куманово.

    Паралелно со обвинението, предложени се и натамошни мерки притвор за сите обвинети терористи од злосторничко-терористичката група. Ова, вели Обвинителството, е предложено и поради оправданиот страв дека обвинетите ќе ги повторат кривичните дела, односно ќе бидат во можност да извршат: убиство, телесно повредување, изведување на терористички акти на цивилни или на т.н. меки цели, како и изведување на напади на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територија на Република Северна Македонија.

    Следи оценка на обвинителниот акт, па АКМИС-от да одреди кој судија ќе го води овој процес.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира