Сѐ уште важи одлуката за ослободување на бремените жени од работа и работни обврски со физичко присуство, велат од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК. Оваа одлука беше донесена на владина седница лани на 3 ноември, по препорака на Комисијата за заразни болести.
Откако изминатиов период се олабавија рестрикциите за заштита од ковид-19, и се најави враќање на администрацијата на работните места, во нашата редакција се јавија повеќе граѓанки бидејќи остана нејасно дали и трудниците треба да се вратат на работните места.
„Владата потсетува дека согласно владина одлука, објавена во Службен весник, бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место, до завршување на пандемијата со ковид-19, прогласена од Светската здравствена организација (СЗО)“, вели Владата.
Содржината на мерките е регулирана со членот 13, точка 11 и членот 16 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид-19, предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2, случаите и временскиот период на нивна примена, објавена во Службен весник на 4 ноември 2020.
Б. НЕСТОРОСКА