ЦЕЛА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА НА ОДМОР ДО ТРЕТИ МАЈ ПОРАДИ ДЕЗИНФЕКЦИЈА, ДИРЕКТОРКАТА СЕ НАДЕВА ДЕКА ДРЖАВАТА ЌЕ ПРЕЖИВЕЕ 8 РАБОТНИ ДЕНА БЕЗ НИВ

    ЦЕЛА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА НА ОДМОР ДО ТРЕТИ МАЈ ПОРАДИ ДЕЗИНФЕКЦИЈА, ДИРЕКТОРКАТА СЕ НАДЕВА ДЕКА ДРЖАВАТА ЌЕ ПРЕЖИВЕЕ 8 РАБОТНИ ДЕНА БЕЗ НИВЌе бидеме достапни онлајн и по телефон за консултациии, вели директорката на клиниката Милена Стевановиќ - Инфективната клиника и монтажната болница (Фото: СДК.МК)

    Инфективна клиника од утре се затвора поради дезинфекција и реновирање, сите 37 лекари специјалисти, сестрите, болничари, лаборанти и останатиот технички персонал, одат на одмор до трети мај.

    Се спремаме за септември, не знаеме што нѐ чека, вели директорката на клиниката д-р Милена Стевановиќ, со надеж, како што вели, дека „државата ќе преживее осум работни дена без нас“.

    Практично, клиниката ќе биде затворена до трети мај со викенди и за време на Велигденските празници, Први мај и Рамазан Бајрам. Нема да работи ни монтажната болница.

    Ако има ковид-болни со компликации, ќе бидат испратени во Градската општа болница „8 Септември“, која не ни престана да биде главен ковид центар во државата иако остана само со еден специјалист инфектолот. Директорот на болницата д-р Кристијан Костов вели дека од утре ќе мора повторно да ја отвори тријажната амбуланта за сомнителни од ковид, иако персоналот, од кои повеќето интернисти веќе се вратија на матичните одделенија и болницата работи со полн капацитет. Тој вели и дека дури имаат и зголемен број прегледи и хируршки интервенции во редовната програма поради застојот што беше направен додека кај нив во одреден период лежеа и над 100 ковид пациенти дневно, најчесто со тешки компликации, па беа затворени неколку оддели.

    „Во моментов имаме 20 пациенти кои се згрижени во одделот за интензивна нега од ковид одделението и се надеваме дека додека трае колективниот одмор на Интензивната клиника нема да има голем наплив на пациенти кои бараат болничко згрижување“, вели Костов и додава дека во болницата од почетокот на пандемијата биле хоспитализирани 7.000 граѓани со тешки компликации од ковид, а низ ковид амбулантата поминале над 40.000 пациенти.

    Директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стефановиќ  вели дека лекарите ќе бидат достапни по телефон за консултации. На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК што ќе се случи со болните од други инфективни болести, како што беше на пример труењето на премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена, како и со предоперативните испитувања од кои едното е за хепатит Ц и по протокол е невозможно хирург да оперира без таа анализа од Инфективната клиника, Стевановиќ одговори:

    „Се е под контрола, заменските клиники се тука да помогнат. Ние ќе бидеме достапни онлајн и по телефон за консултациии за пациенти кои место во нашата Клиника која ќе се реновира и дезинфицира, ќе бидат примени во заменските. Неопходните испитувања и анализи кои се прават кај нас, ќе се прават на друга клиника. Матичните лекари се известени дека Инфективната клиника нема да работи до трети мај, другите инфективни одделенија во државата ќе си ја тераат работата, комплицираните случаи ќе бидат испратени на други клиники со кои сме се договориле“.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира