Владата на синоќешната седница донесе заклучок за отсуството од работа заразените лица со ковид-19 и на оние кои добиле решенија за изолација, а се вработени во министерствата и државните органи, да им биде платено боледување на иста сума колку што изнесува основицата на нивната плата.
„На седницата беше разгледана Информацијата во врска сo регулирање на боледување на вработени лица заболени од КОВИД-19 како и вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, врз основа на која беше донесен заклучок министерствата и органите на државната управа при регулирање на овие прашања на вработените лица кои имаат симптоми или се заболени од КОВИД-19 и на лица кои се во изолација заради спречување на ширење на заразата, но се асимптоматични, а за кои е констатирано дека се заболени од КОВИД-19, задолжително да побараат ИСР образец, односно боледување согласно кој висината на надоместокот на плата за привремена спреченост за работа поради КОВИД-19 да изнесува 100% од основицата за надоместок на плата”, соопшти Владата.
Владата донела заклучок и да им препорача на организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје, да постапат идентично како за болните од коронавирус и службениците со решенија за изолација вработени во министерствата.
Нема одлука, ниту препорака за вработените во приватниот сектор, иако има многу случаи на фирми кои не ги прифаќаат решенијата за самоизолација и на вработените им земаат денови од годишен одмор или воопшто не им ги плаќаат деновите кои се принудени да ги отседат дома.
С. К. ДЕЛЕВСКА