Од денеска целосно ќе престанат со работа кафулињата, рестораните и спортските обложувалници, а од понеделник попладне се затвора и аеродромот Свети Апостол Петар и Павле во Охрид. Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека со работа треба да престанат и продавниците во трговските центри, а дозволено во нив ќе биде да работат само супермаркетите и аптеките.
Вкупно 18 пациенти со коронавирус има во државава, откако денес биле тестирани 12 лица, од кои шест се позитивни на коронавирусот.
„Се затвораат сите гранични премини освен Табановце, Богородица, Блаце, Ќафасан и Деве Баир. Се воведува и дополнителна мерка за забрана за влез и од земјите со среден ризик. Кафулињата, рестораните и продавниците можат да работат онлајн и да вршат достава до граѓаните“, рече Филипче по седницата на Владата.
Тој уште еднаш апелираше граѓаните да останат дома.
А. АНТЕВСКА