ЦЕЛТА НИ Е ДО 2030 ГОДИНА ДА ГИ ЗАВРШИМЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, МАРИЧИЌ ЌЕ БИДЕ ГЛАВЕН ПРЕГОВАРАЧ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

    ЦЕЛТА НИ Е ДО 2030 ГОДИНА ДА ГИ ЗАВРШИМЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, МАРИЧИЌ ЌЕ БИДЕ ГЛАВЕН ПРЕГОВАРАЧ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИВицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека владата си поставила цел пристапните преговори со ЕУ да завршат до 2030 година, зборувајќи на денешната прес-конференција по донесената одлука за воспоставување структура за преговори. Главен преговарач ќе биде вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како и странски експерти.

    „Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е целта која си ја поставуваме. Таа е реална и достижна и јас сум силно убеден дека до следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија. Ќе работиме посветено за нашата земја да биде еднаква со сите други земји членки, да учествува во креирањето на политиките на ЕУ секако со заштита на нашите државни интереси. Нашата иднина е во ЕУ. За нас ова нема алтернатива и затоа потребно е сите заедно да дадеме поддршка да се вклучиме, да ја искористиме шансата која што е пред нас и со брзи чекори и самоуверено да одиме напред кон полноправно членство во ЕУ“, кажа Ковачевски.

    На прес-конференцијата, Маричиќ рече дека нема модел на искуство од земјите кои досега преговарале или сè уште преговараат, бидејќи има нова методологија.

    „Новата методологија наметнува пополитички пристапни преговори на начин што целокупниот процес го подигнува на повисоко политичко ниво во сите фази на преговорите. Со денешната одлука се одлучуваме за нова структура што го поедноставува овој механизам и воедно ќе го направи хиерархиски пофункционален, поефикасен и поефективен. Се воспоставува главен преговарач, функција што ќе ја вршам јас како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања“, рече Маричиќ.

    Државната делегација за преговори ќе ја предводи министерот за надворешни работи Бујар Османи како шеф на делегацијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира