Централата за производство на електрична енергија и топлина ТЕ-ТО АД Скопје ќе работи седум дена во неделата за да се обезбедат дополнителни количини струја и топлинска енергија. Ова е одлучено на денешната владина седница како мерка за обезбедување на дополнителни количини на струја во услови на постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.
„Со оваа одлука се предвидува дополнителните количини на електрична енергија да се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 5 часот наутро до еден часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати. Оваа дополнително произведена количина електрична енергија ќе ја откупува АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) со сопствени средства, по цена до 170 евра за мегават час. Истовремено, топлинската енергија што ќе ја произведат ќе треба да ја испорачаат на БЕГ.“, велат од Владата.
Одлуката стапува во сила денеска и ќе важи до 31 јануари.
Со преземањето на дополнителните количини електрична енергија ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија. Со тоа, како што велат од Владата, ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со парно греење на потрошувачите во Град Скопје и, во исто време, при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија.
Но ТЕ-ТО бара цената да биде речиси двојно повисока, или 270 евра по мегават час без ДДВ.
„Согласно постоечкиот договор за набавка на природен гас кој ТЕ-ТО АД Скопје го има со важност до 31.01.2022 година, производната цена на електричната енергија од неговата постројка, со вклучен трошок за произведена, но ненаплатена топлинска енергија изнесува 270 EUR/MWh без вклучен ДДВ. Во случај на наплата на топлинската енегија, производната цена на електричната енергија од ТЕ-ТО АД Скопје изнесува 251 EUR/MWh без вклучен ДДВ“, соопшти ТЕ-ТО.
А. АНТЕВСКА