Грчкиот премиер Алексис Ципрас му честиташе на македонскиот премиер Зоран Заев, откако вечерва беа изгласани уставните измени согласно Договорот од Преспа за решавање на спорот за името.
„Премиерот Алексис Ципрас контактираше со премиерот на ПЈРМ Зоран Заев и му честиташе за успешниот процес на измена на Уставот врз основа на Договорот од Преспа”, објави на Твитер грчката Влада.
Собранието вечерва со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот. Со ова името на земјава е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.