ЦИТИРААТ БОЖЕМ ФИЛОСОФИ, А НАВРЕДУВААТ, РЕАГИРАШЕ ПРАТЕНИЧКАТА АРТА БИЉАЛИ-ЗЕНДЕЛИ НА ВОКАБУЛАРОТ НА ДЕЛ ОД КОЛЕГИТЕ

    ЦИТИРААТ БОЖЕМ ФИЛОСОФИ, А НАВРЕДУВААТ, РЕАГИРАШЕ ПРАТЕНИЧКАТА АРТА БИЉАЛИ-ЗЕНДЕЛИ НА ВОКАБУЛАРОТ НА ДЕЛ ОД КОЛЕГИТЕПратеничката Арта Биљали-Зендели кажа дека ќе ја поддржи предложената влада, но и дека ќе ја критикува ако треба. (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Во попладневниот дел од расправата за избор на нова влада, пратеничката од ДУИ Арта Биљали – Зендели побара колегите од овој состав, министрите и премиерот пред крајот на нивниот мандат, кога ќе се видат по тој повод во Собранието, граѓаните да живеат подобро. Кажа дека ќе ја поддржи предложената влада, но и дека ќе ја критикува ако треба.

    Како професорка по право на Државниот тетовски универзитет, на идниот министер за правда му посака успех во претстојните реформи и покажа подготвеност да му помогне од своето пратеничко место во парламентот.

    Биљали-Зендели, која првпат е пратеник, остро реагираше за вокабуларот на одредени пратеници, на овие неколку собраниски седници.

    „Цитирајќи божем философи, некои овде нè исповреѓа. Некој тука кажа цитат, дека кога се формира влада, луѓето се однесуваат како животни. Друг рече не полемизирал со жени. Замолувам да престане дискриминацијата”, кажа таа.

    На ова ѝ реплицираше колегата Халил Снопче од коалицијата Алијанса/Алтернатива упатувајќи ѝ забелешка дека лидерот на нејзината партија ДУИ од 6 министри не предложил ниту една жена. Ја критикуваше и владината програма во делот за образованието кај Албанците.

    Биљали-Зендели му реплицираше дека не е ниту Ахмети, ниту Заев, не ја напишала таа програмата и оти е тука мандатарот, па може него да го праша за тоа што смета дека фали во предлог-програмата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира