ЦРВЕН КРСТ И ЦУК ДОБИЈА ВОЗИЛО ЗА СПАСУВАЊЕ ЖИВОТИ, ДОНАЦИЈА ОД АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА

    ЦРВЕН КРСТ И ЦУК ДОБИЈА ВОЗИЛО ЗА СПАСУВАЊЕ ЖИВОТИ, ДОНАЦИЈА ОД АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДААнгелов и Агелер на денешната промоција на мобилното оперативно возило. (Фото: К. Попов)

    Американската амбасада во Македонија денес му донираше мобилно оперативно возило на Црвениот крст во земјава, кое ќе може да се користи и во пожари за пребарување на изгубени лица. Возилото е опремено со најсофистицирана опрема за комуникација со сите институции, во чија внатрешност има тетра радио станици, дрон со термална камера, сателитски интернет, струјно напојување. Претставува оперативно комуникациски мобилен центар и ќе овозможи справување и брзи и ефикасни одлуки за делување во кризни состојби, поврзување со сите институции вклучени во системот за кризен менаџмент, како и со мобилните тимови на терен.

    „Возилото ни овозможува носење побрзи одлуки на терен, побрза комуникација и координација со оперативните центри во државата и секако една можност која ни ја дава сета оваа опрема се дополнителните можности кои ги создава за соработка со регионалните платформи, како Икс ток платформата која е воспоставена пред две години, а се однесува на соработката што ја имаат националните друштва од регионот во делот на стоковите резерви, надополнета со софтвер кој овозможува дневна и брза комуникација во делот на справувањето“, рече денеска генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.

    Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер кажа дека е многу задоволна што токму ова мобилно оперативно возило ќе му помогне на Центарот за управување со кризи (ЦУК), што е клучно за одговор на кризи.

    „Сите добро знаете колку е тоа важно и колку е важно да бидеме подготвени за кризи. Подготовката е неодложен и критичен дел од справувањето со кризи и убедени сме дека мобилното оперативно возило ќе придонесе за тоа. Се сеќавате од минатото лето, со пожарите, колку е важно да се биде подготвен и затоа сме задоволни и чест ни е што сме дел од вашите напори за справување со кризи. Возилото буквално ќе спаси животи“, рече Агелер.

    Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов нагласи дека ова донација ќе го засили целокупниот македонски систем за управување со кризи, бидејќи, како што рече, ќе биде од голема помош за целиот систем.

    „Се надевам и посакувам ова возило никогаш да не го искористиме во реална ситуација, истото да го користиме само за вежбовни активности и за превенција. Но, добро е да се има вакво возило бидејќи никогаш не знаеме кога ќе се случи некоја несреќа или катастрофа“, рече Ангелов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира