По прекинот на вибер-врската со поранешната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска на 29 јуни, кога снема кворум да се одлучува за членови на комисијата за одговорност на судијата Енвер Беџети, за точката ќе се расправа утре. Црвенковска пред да се прекине врската ја следеше седницата и гласаше преку телефон, бидејќи не беше физички присутна.
Судијата-известител Енвер Беџети во случајот за прислушувањето „Тврдина-Таргет“ против Сашо Мијалков го криел 9 месеци предметот во фиока. Врската со Црвенковска на седницата се прекина баш кога требаше да се одлучува за изземање на Весна Дамева од тричлената комисија која треба да му подготви извештај на Судскиот совет за одговорноста на Беџети.
Претседателот на Советот Сашко Георгиев неколку пати праша: „Ја добивте Пале?“, службите одговорија негативно. Без нејзиниот глас немаше кворум, па се прекина точката околу комисијата за разрешување на Беџети.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, Црвенковска одговори дека всушност, снемало интернет конекција. Била на одмор надвор од државата и оттаму била вклучена на седницата, додека не се прекинала врската.
„Јас не бев во државата. Седницата ја следев од камп, каде што бев на одмор. Можеби не сте забележале, имав краток прекин на врската и по претставките од граѓани кога се одлучуваше. Кога се прекина, потоа долго време не можеше да се воспостави, затоа не можеше никој да ме добие“, вели Црвенковска.
Извештајот на членката Тања Чачарева-Илиевска од направената контрола за предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ е готов уште на крајот на декември 2022. Во него се констатира дека без поткрепени причини, судијата-известител Енвер Беџети го држел 9 месеци „Тврдина-Таргет“, кај што е обвинет Сашо Мијалков, и не го давал на одлучување со што придонел предметот брзо да застари.
Седми месец како се влече постапката за одговорност за Беџети, кој во меѓувреме конкурираше, но не доби доволен број на гласови за судија во Врховниот суд.По овој извештај на Чачарова-Илиевска за незаконското чување на предметот, тој од кривичниот оддел во Апелациониот суд Скопје, беше преместен да суди во Одделот за прекршоци.
С. К. ДЕЛЕВСКА