ТУРСКАТА ДИЈАСПОРА ОД МАКЕДОНИЈА ГЛАСАШЕ „ДА“ ЗА ЕРДОГАН

    ТУРСКАТА ДИЈАСПОРА ОД МАКЕДОНИЈА ГЛАСАШЕ „ДА“ ЗА ЕРДОГАНПоддржувачи на кампањата „Да“ на референдумот во Турција прославуваат победа во Истанбул. (Фото: АП)

    Според неофицијалните резултати од референдумот за зголемување на овластувањата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, во Македонија „Да“ гласале 57,97 отсто од регистрираните гласачи од турската дијаспора, додека „Не“ гласале 42,03 отсто, објави агенцијата „Анадолу“. Во бројки, тоа се 618 гласа „Да“ и 448 „Не“.

    Ердоган вечерва прогласи победа на референдумот со кој му се овозможуваат далекусежни нови овластувања, велејќи дека победил со јасно мнозинство. Со повеќе од 99 отсто преброени гласови, „Да“ имаше 51,36%, додека „Не“ имаше 48,64%.

    Без да губи време, Ердоган кажа дека сега ќе дискутира за враќање на смртната казна со премиерот Бинали Јилдирим и лидерот на националистичката опозициска партија МХП. Тој рече и дека ќе свика референдум за прашањето ако е потребно.

    Двете најголеми опозициски партии, ЦХП и ХДП ги спорат резултатите од референдумот и велат дека додека не биде одлучено по нивните приговори, резултатот не е финален.

    Победата на „Да“ на референдумот ќе овозможи 18 уставни реформи коишто ќе му дадат моќ на претседателот да назначува владини министри, високи функционери и половина од членовите на Врховниот суд, а ќе може и да издава декрети. Со новиот систем, Ердоган може да остане на претседателската функција до 2029 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира