Министерот за здравство Венко Филипче вечерва на својот Фејсбук профил објави дека од Турција ќе добиеме 30.000 вакцини „Синовак“. Филипче со премиерот Зоран Заев од попладнево се во официјална посета на Турција, а на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган била договорена донацијата.
„Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган ни соопшти дека ни донираат 30.000 вакцини од производителот ‘Синовак‘. Овој гест на солидарност е уште еден показател за искреното пријателство и соработка меѓу двете земји. Голема благодарност до турскиот народ и претседателот Ердоган“, напиша Филипче.
Во земјава во моментов е намалено темпото на вакцинација. Уште не се стигнати 500.000 дози од „Синовак“ од директниот договор на Владата со кинескиот производител, а не се знае кога ќе стигне пратка од руската „спутник“ од која треба да стасаат уште 194.000 дози.