Вчера е уапсен раководителот на Одделението за урбанизам и комунални работи во Општина Маврово и Ростуше за примање поткуп. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) тој бил фатен во угостителски објект во Скопје при примање поткуп. Имено, тој побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење апартмани и сместувачки капацитети, а требало да се исплати во неколку рати.
„Лицето е лишено од слобода при исплата на парите од првата рата во објектот во Скопје, откако биле претходно криминалистичко- технички обработени. Исто така, бил извршен претрес на лицето и службеното возило и биле пронајдени предмети од интерес на истрагата“, велат од МВР и додаваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вчера, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека е фатен раководител во Општина Маврово и Ростуше како прима поткуп.
„Еве, ние додека зборуваме, раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Маврово и Ростуше е фатен како зема мито од странка за завршување на некоја работа. Ние имаме 59 жртви и над 170 повредени, а тој мртов ладен си оди во угостителски објект, си се договара за 13.000 евра мито, си го зема митото и никому ништо“, рече Мицкоски.