Обвинителството за организиран криминал и Министерстоцо за внатрешни работи (МВР) денеска во голема акција со претреси на 17 локации во Тетово и во Охрид, разбија злосторничко здружение, група која одреден временски период се занимавала со посредување во вршење проституција и со недозволена трговија со дрога. Незаконски стекнатите приходи од овие кривични дела припадниците на групата ги прикривале со перење пари и други приноси од казниво дело.
Дел од криминалната група биле и две службени лица – затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец – виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки.
Уапсени се 13 лица и за нив денеска надлежниот обвинител ќе бара притвор.
Организираната група ја создал 35-годишник од селото Боговиње, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во селата Жеровјане и Горно Седларце. Во Охрид пак, тој наведувал на проституција девојки странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови.
Фактичкото работење на два од клубовите го организирал и раководел неговиот брат (второосомничениот). Третиот осомничен раководел и ја организирал работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот осомничен учествувал во наведувањето на проституција на девојките во угостителските објекти и бил задолжен за организација на нивното патување и влез во нашата земја, како и за олеснување на процедурите за добивање на документи за легален престој за странските државјанки, а давал и насоки за криминалните активности на другите припадници на групата во однос на сместување и превоз на девојките.
Петмина припадници на злосторничкото здружување биле задолжени за обезбедување и неовластена продажба на дрога, најчесто кокаин, на девојките и гостите во угостителските објекти. Едниот од нив ги помагал и олеснувал активностите за пренос на дрогата и посебно бил ангажиран за предупредување при полициските контроли и бил задолжен да го следи движењето на полицијата на патот кон клубовите за што ги информирал членовите на групата.
Двајца осомничени припадници на групата учествувале во наведувањето на проституција на девојките. Тие биле задолжени за обезбедување на девојки кои ќе работат во стиптиз клубовите, ги пронаѓале преку нивни контакти во странски држави, веб страници и на интернет, го организирале нивниот влез во земјава, организирале изработка на лажна документација за фиктивен престој на девојките по хотели во нашата земја со што ги заобиколувале процедурите за добивање легален престој од управните органи. За превоз на девојките од аеродром и од автобуските станици до стриптиз клубовите каде престојувале и биле сместени, како и превозот при нивното движење пред и по работата во ноќните клубови, бил задолжен дванаесеттиот осомничен.
Со повеќемесечни координирани дејствија на истражителите од Истражниот центар на ОЈОГОКК и припадниците на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, активностите и задолженијата на секој член во ова злосторничко здружување се детално документирани и утврдени.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе истрага против сите инволвирани за кривичните дела Злосторничко здружување од чл.394 и Посредување во вршење проституција од чл.191 од Кривичниот законик. Тројца се осомничени и за кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик, додека против петмина од осомничените е поведена истрага и за – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори чл.215 од Кривичниот законик.
С. К. ДЕЛЕВСКА