УЧЕСТВУВАМ НА СОБРАНИСКИ СЕДНИЦИ, АМА НЕ ЈА НАПУШТАМ КОАЛИЦИЈАТА СО ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ ПАНЧЕ МИНОВ ОД ГРОМ

    УЧЕСТВУВАМ НА СОБРАНИСКИ СЕДНИЦИ, АМА НЕ ЈА НАПУШТАМ КОАЛИЦИЈАТА СО ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ ПАНЧЕ МИНОВ ОД ГРОМОпозицијата не го бојкотира Собранието, туку не учествува во неговата работа, јас решив да учествувам, вели пратеникот на ГРОМ, Панче Минов - од денешната комисиска расправа (Фото:СДК.МК)

    Пратеникот на ГРОМ Панче Минов учествуваше на денешната расправа во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. ГРОМ е дел од опозиционата коалиција „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која го бојкотира Собранието.  Тој демантираше дека ја напуштил коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

    „Пратеникот си ја врши работата за што е избран. Неговото место е во Парламентот. Присуството во Собрание не значи дека сум ја напуштил коалицијата „За подобра Македонија“, или нешто друго. Има работи кои ме интересираат како пратеник и затоа учествувам на Комисија. Ние не сме во бојкот, туку само не учествуваме во работата на Собранието“, изјави пратеникот на ГРОМ, Панче Минов за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Предходно, на 15 декември, на продолжението на собраниската седница за именување нов јавен обвинител, покрај парламентарното мнозинство присуствуваа и опозиционерите од Движењето БЕСА и пратеникот и лидер на Сојузот на Ромите Амди Бајрам, кој е исто како Минов, дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

    Работата на Собранието не ја бојкотира ниту Чедомир Саздовски, кој го напушти ГРОМ и делува како независен пратеник.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира