Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека укинувањето на балансерот за усогласување на вработувањата по етничка линија ќе оди во фази. Во првата фаза, како што кажа, ќе се почитуваат законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе се оди кон целосно укинување на алатката балансер ,при што целосно ќе се почитува Уставот за соодветна и правична застапеност на етничките заедници.
„Бројките во дигиталната алатката балансер од денеска веќе се променети за да одговараат на резултатите на резидентното население од Пописот во 2021 година. Тоа значи дека лицата попишани во држави во странство, на пример во Италија, Швајцарија, или Германија, нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Македонија“, рече Андоновски.
Андоновски кажа дека за укинувањето на балансерот ќе се разговара и на денешната прва владина седница.
„Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот, а тоа е соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак“, кажа Андоновски по денешната средба со новинарите.