УЛИЧНИ БАНДИ МАЛТРЕТИРААТ ДЕЦА ВО ШКОЛСКИ ДВОР ДО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА

    УЛИЧНИ БАНДИ МАЛТРЕТИРААТ ДЕЦА ВО ШКОЛСКИ ДВОР ДО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦАБидејќи случајот го пријавиле во полиција, родителите попладнево дошле да ги придружуваат децата, зашто очекувале дека бандата ќе се врати за да се одмазди. И, не погрешиле. (Фото: К. Попов)

    Група од 12-тина малолетници која во Центар доаѓа од друга општина, четири пати за 10 дена физички напаѓа, тероризира и присилно со нож и боксирач бара пари од ученици и маалски деца кои на квечерина се дружат или спортуваат во дворот на Основното училиште „Гоце Делчев“ во Скопје.

    Училиштето е на само 20-30 метри од полициската станица „Беко“, каде се пријавени сите напади. Бандата дошла и синоќа да ги малтретира децата, но наишла на родителите, кои се самоорганизирале и отишле таму да чуваат стража додека децата се дружат, играат во школскиот двор.

    Родителите тврдат дека полициска патрола немало ни по првиот пријавен настан (минатиот четврток 28.03.), ниту по вториот (минатата сабота 30.03.), а немало ни синоќа ни вечерва.

    Синоќа истата банда повторно влегла во школскиот двор, но овојпат еден од напаѓачите покажал боксирач и нож. Го фатил едно од децата за капата од дуксерот, го клоцнал. Родителите пријавиле во полиција, останале доцна до по полноќ за да даваат изјава.

    Во денешниот билтен имаше пријавено и друг напад од група малолетници кои го носеле истото ладно оружје.

    „На 05.04.2024 во СВР Скопје било пријавено дека околу 22.00 часот во Градски трговски центар, неколку малолетници физички нападнале малолетник од Скопје и агресивно се однесувале кон три малолетнички, исто така, од Скопје. Според пријавеното, еден од напаѓачите имал и остар предмет, но не го употребил. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“.

    Бидејќи случајот го пријавиле во полиција, родителите попладнево дошле да ги придружуваат децата, зашто очекувале дека бандата ќе се врати за да се одмазди. И, не погрешиле.

    Детали за вечерашната „средба“ на родителите и децата со бандата напаѓачи, не успеавме да дознаеме. Во полициската станица „Беко“ ни кажаа:„Постапуваме по сите пријави“.

    Од МВР, пак, денеска ни рекоа за последните напади врз малолетници во центарот на Скопје, да се јавиме во понеделник.

    Родител за САКАМДАКАЖАМ.МК раскажа како почнало малтретирањето од непознатите малолетници уште минатиот четврток.

    „Син ми учи во ‘Гоце Делчев’ и со другарите се собираат попладне и навечер, си седат, се дружат, спортуваат во училишниот двор. Првин влегуваат како божем сакаат да играат и тие, потоа провоцираат, напаѓаат, удираат, бараат пари. По два дена истата група дошла повторно. Син ми беше во дворот. Додека неговите другари отишле до ‘Грицко’ да си купат вода, овој останал сам со уште едно дете. Го удриле син ми прво со топка, па со бокс по грбот. Другово дете го удираат со колено во грб, му бараат пари. Децава пријавиле во полиција, која е на 30-ина метри од училиштето, но бандава избегала. Никаква реакција нема од полицијата“, револтиран е родителот со кого разговараше САКАМДАКАЖАМ.МК .

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира