УНЕСКО ЈА НАПИША ОДЛУКАТА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ДА БИДЕ СТАВЕН НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, ОСТАНУВА САМО ДА СЕ ФОРМАЛИЗИРА НА СОСТАНОКОТ ВО КИНА

    УНЕСКО ЈА НАПИША ОДЛУКАТА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ДА БИДЕ СТАВЕН НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, ОСТАНУВА САМО ДА СЕ ФОРМАЛИЗИРА НА СОСТАНОКОТ ВО КИНАУНЕСКО смета дека високи објекти веднаш до брегот ги нарушуваат универзалните вредности на Охридскиот регион. - Хотел во изградба во Лагадин (Фото: СДК.МК)

    УНЕСКО ја објави предлог-одлуката Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на Светско наследство во опасност на претстојниот состанок на Комитетот за Светско наследство во Фужоу, Кина, кој ќе се одржи од 16-31 јули.

    Во предлог-одлуката, која се очекува да биде усвоена на состанокот стои:

    „Комитетот за Светско наследство одлучи да го впише Природното и Културното наследство на Охридскиот регион (Албанија, Северна Македонија) на Листата на Светско наследство во опасност. Комитетот за Светско наследство бара од двете земји да развијат детален стратешки план за санација и акциски план во фази поврзан со јасно дефинирани цели и исходи за да се ублажат заканите на краток и долг рок. Комитетот за Светско наследство, исто така, бара од двете држави, во консултација со Центарот за Светско наследство да развијат предлог за посакувана состојба на заштита која кога ќе биде постигната би се отстранил на Охридскиот Регион од Листата на Светско наследство во опасност, како и пакет на корективни мерки, вклучувајќи временски рокови за нивна имплементација“

    Претходно во предлог-одлуката се наведуваат причините за промената на статусот.

    Комитетот е разочаран од наодите на Реактивната мониторинг мисија од 2020 година. Во врска со Македонија, Комитетот смета дека е направено премалку да се запре уништувањето на урбаниот и поширокиот пејзаж со несоодветни конзервација, реконструкција и развој.

    Комитетот е длабоко загрижен од заклучоците на Реактивната мониторинг мисија, која смета дека високите објекти близу до езерото, слабиот архитектонски квалитет на изграденото (посебно во поголемите градови Охрид, Струга и Поградец, но и долж брегот надвор од градовите), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежјето за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание на универзалната вредност на Охридскиот Регион.

    Според правилата на УНЕСКО, Листата на загрозено светско наследство е создадена да ја информира меѓународната заедница за условите кои ја загрозуваат специфичната особеност поради која еден регион или место е ставен на Листата за светско наследство, а и за да охрабри корективна акција. Ставањето на Листата на загрозено светско наследство му овозможува на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на загрозеното место даде му даде итна помош од Фондот за светско наследство. Тој ја информира и меѓународната заедница за ваквите состојби, со надеж дека ќе се здружат силите за да се спасат загрозените места. Ставањето на Листата загрозено наследство овозможува светската заедница за заштита да преземе специфични мерки за заштита и тоа на ефикасен начин. Се разбира, досега се покажало дека со самите изгледи едно место да се стави на Листата зегрозено наследство веќе се иницирала итна акција за заштита.

    Со вбројувањето на едно место на Листата загрозено наследство, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во консултација со владата за загрозениот регион, треба да развие и усвои програма за корективни мерки и потоа да врши мониторинг на состојбата на терен. Сите активности треба да се преземат за да се обноват загрозените вредности на местото, за да се овозможи тоа во најкус можен рок д биде тргнато од Листата на загрозено наследство.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира