УНЕСКО ЈА ОДЛОЖИ БЕЗ РОК ОДЛУКАТА ДАЛИ ОХРИД ДА СЕ СТАВИ НА ЛИСТАТА ЗАГРОЗЕНО СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО

    УНЕСКО ЈА ОДЛОЖИ БЕЗ РОК ОДЛУКАТА ДАЛИ ОХРИД ДА СЕ СТАВИ НА ЛИСТАТА ЗАГРОЗЕНО СВЕТСКО НАСЛЕДСТВОУНЕСКО смета дека високи објекти веднаш до брегот ги нарушуваат универзалните вредности на Охридскиот регион. - Хотел во изградба во Лагадин (Фото: СДК.МК)

    Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска го одложи гласањето за тоа дали Охридскиот Регион треба да се стави на Листата на светско наследство во опасност, затоа што за оваа одлука немаше консензус меѓу делегациите што учествуваат на на 44-та седница на Комитетот во Фужоу, Кина. Делегацијата на Босна и Херцеговина поднесе амандмани на Предлог-одлуката, според кои се бара на Македонија и Албанија да им се даде уште 2 години за да постапат по препораките од УНЕСКО, па потоа да се одлучува дали Охридскиот Регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. На ова реагираше делегацијата на Норвешка, па гласањето беше прекинато.

    Претседавачот со Комитетот на УНЕСКО, одлучи Комисијата за светско наследство, заедно со претставниците на Норвешка, Босна и Херцеговина, Бахреин и Русија на посебна средба да ги надминат несогласувањата за амандманите, но нема рок кога би требало да се одлучува за Охридскиот Регион.

    Вчера, граѓанскиот сектор го повика УНЕСКО без одложување да го стави Охрид на листата на земји со загрозено наследство. Од граѓанската иницијатива Охрид СОС велат дека давање нова шанса за спроведување на препораките за заштита на природните богатства ќе значи продолжување на деградацијата на регионот и замижување пред реалната состојба.

    „Мора да забележиме дека следејќи ги сесиите на 44. Седница на Комитетот за светско наследство, сведочиме многу разочарувачки потези од некои од делегациите, кои резултираат со усвојување на крајно изменети одлуки кои не ја одразуваат реалната состојба на добрата што се предмет на дискусија. Ваквите неодговорни предлог-измени на Босна и Херцеговина ќе донесат само штета и се закануваат да ја запечатат судбината на Регионот, за која Центарот веќе предупреди дека ‘се движи кон точка од која нема враќање’. Ќе ни помогне ли Босна и потенцијално другите ‘пријатели’ таа точка да ја достигнеме побрзо? Се надеваме дека делегациите во овогодинешниот Комитет нема да го следат овој предлог. И очекуваме Комитетот да биде доследен на Конвенцијата за светско наследство и да не дозволи уште една политичка одлука која ќе значи дозвола за уништување на Охридскиот Регион“, соопшти денеска Охрид СОС.

    Во предлог-одлуката, која требаше да биде усвоена на состанокот стои: „Комитетот за Светско наследство одлучи да го впише Природното и Културното наследство на Охридскиот регион (Албанија, Северна Македонија) на Листата на Светско наследство во опасност. Комитетот за Светско наследство бара од двете земји да развијат детален стратешки план за санација и акциски план во фази поврзан со јасно дефинирани цели и исходи за да се ублажат заканите на краток и долг рок. Комитетот за Светско наследство, исто така, бара од двете држави, во консултација со Центарот за Светско наследство да развијат предлог за посакувана состојба на заштита која кога ќе биде постигната би се отстранил на Охридскиот Регион од Листата на Светско наследство во опасност, како и пакет на корективни мерки, вклучувајќи временски рокови за нивна имплементација“.

    Претходно во предлог-одлуката се наведуваат причините за промената на статусот.

    Комитетот е разочаран од наодите на Реактивната мониторинг мисија од 2020 година. Во врска со Македонија, Комитетот смета дека е направено премалку да се запре уништувањето на урбаниот и поширокиот пејзаж со несоодветни конзервација, реконструкција и развој. Комитетот е длабоко загрижен од заклучоците на Реактивната мониторинг мисија, која смета дека високите објекти близу до езерото, слабиот архитектонски квалитет на изграденото (посебно во поголемите градови Охрид, Струга и Поградец, но и долж брегот надвор од градовите), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежјето за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание на универзалната вредност на Охридскиот Регион.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира