Нема да биде катастрофа ако Охрид се најде на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО, напротив, ќе се подигне нивото на степенот на заштита, рече денеска министерката за култура Ирена Стефоска.
На 10 јануари излезе најкатастрофалниот извешај на УНЕСКО досега, во кој се нотирани бројни забелешки кои се сериозна закана градот да биде ставен на Листата. Според извештајот, урбанистичкиот хаос во Охридскиот Регион го уништува живиот свет во Охридското Езеро.
Стефоска, која по службена должност е и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, смета дека таквата евентуална одлука треба да поттикне повисока свест кај институциите и граѓаните.
„Да се разбереме, ставањето на Охрид на наследство во опасност не е катастрофа, туку напротив ако дојде до тоа случајно тогаш и режимот на заштита мора да е уште повисок. УНЕСКО ќе помогне со експертиза, со фондови, но тогаш главната обврска и одговорност е на сите нас во нашата земја, се разбира и на институциите од локалната и централната власт, но и на граѓаните се разбира, ако сакаме ова светско и културно добро да го заштитиме“, кажа министерката на денешниот настан во Горно Нерези.
Министерката и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев ја најавија реконструкцијата од 6 милиони денари на главниот конак на манастирскиот комплекс Свети Пантелејмон.
По извештајот на УНЕСКО во кој состојбата во Охридскиот Регион е најлошо оценета досега, на 13 јануари премиерот Зоран Заев имаше средба со дел од министрите во Владата. На средбата премиерот Заев кажал дека „нацрт извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како уште еден, досега најсилен аларм за состојбата со Охридскиот Регион и дека сега се налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите чинители за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат Охридското Езеро“. Како и неколкупати досега, и после таа средба од Владата рекоа дека сите објекти кои се наоѓаат во заштитениот појас треба да се урнат.
- ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ ОД УНЕСКО ЗА ОХРИД ВЛАДАТА ВЕЛИ ЌЕ ИНСИСТИРА ДА СЕ УРНАТ СИТЕ ДИВОГРАДБИ
- ЗА 18 МЕСЕЦИ НАПРАВИВМЕ ИНВЕНТАР И ГИ ТРГНАВМЕ БИЛБОРДИТЕ И ПАЛМИТЕ, СЕ ПРАВДА ОПШТИНА ОХРИД ПО ПОРАЗИТЕЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА УНЕСКО
Б. НЕСТОРОСКА