ЗА 18 МЕСЕЦИ НАПРАВИВМЕ ИНВЕНТАР И ГИ ТРГНАВМЕ БИЛБОРДИТЕ И ПАЛМИТЕ, СЕ ПРАВДА ОПШТИНА ОХРИД ПО ПОРАЗИТЕЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА УНЕСКО

    ЗА 18 МЕСЕЦИ НАПРАВИВМЕ ИНВЕНТАР И ГИ ТРГНАВМЕ БИЛБОРДИТЕ И ПАЛМИТЕ, СЕ ПРАВДА ОПШТИНА ОХРИД ПО ПОРАЗИТЕЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА УНЕСКОСпоред УНЕСКО, урбанистичкиот хаос во Охридскиот Регион го уништува живиот свет во Охридското Езеро. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Изготвивме инвентар на бесправно изградени објекти, ги остранивме билбордите и палмите и воведовме времен мораториум за градба на целата територија на општината, се дел од мерките за кои Општина Охрид се правда дека се преземени во последните 18 месеци, откако вчера излезе најкатастрофалниот извешај на УНЕСКО досега, во кој се нотирани бројни забелешки кои се сериозна закана градот да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Според извештајот, урбанистичкиот хаос во Охридскиот Регион го уништува живиот свет во Охридското Езеро.

    УНЕСКО од Охрид бара:

    • Отстранување на дивопоставените објекти вдолж брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот,
    • целосна забрана за градба,
    •  усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион,
    • заштита на старата градска архитектура,
    • отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град.
    • Реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“ бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото со што бил загрозен живиот свет.
    • УНЕСКО бара и отсттранување на урбаната опрема покрај културните знаменитости во старото градско јадро и отстранување на соларните панели од куќите (фото: Ѓ. личовски)

     

    Општина Охрид преку соопштение наведува што е направено, па  така стои дека е донесен сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, дека е почнат процес за изготвување на Урбанистички планови за 18 охридски села, дека е воведена постојана пешачка зона на дел од улица „Кеј Македонија“ како и дека била изготвена „Студија за валоризација на просторот на Студенчишко блато заради негово прогласување за заштитено подрачје“.

    „Беа стопирани штетните проекти за изградба на Ски Центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид- Св. Наум. Започна реконструкцијата на Колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно препријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води“, стои во соопштението.

    Општина Охрид вели дека нацрт-извештај на УНЕСКО веќе е пристигнат до сите надлежни институции на централно и на локално ниво и дека во предвидениот рок ќе испрати коментари на оваа првична верзија, а официјален став  ќе биде соопштен во јавноста откако ќе пристигне конечната и финална верзија на извештајот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира