УПИСИТЕ ВО СРЕДНО ШКОЛО ПОЧНУВААТ НА 14 ЈУНИ, ЈАНЕВСКА ЗА ВГОДИНА НАЈАВИ ЦЕЛОСНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА

    УПИСИТЕ ВО СРЕДНО ШКОЛО ПОЧНУВААТ НА 14 ЈУНИ, ЈАНЕВСКА ЗА ВГОДИНА НАЈАВИ ЦЕЛОСНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАКако и во изминатите учебни години, учениците ќе треба да достават хартиени документи до училиштатa. (Фото: К. Попов)

    На 14 јуни почнува првото електронско пријавување за упис во средно образование во учебната 2025-2026 година, и ќе трае до 17 јуни, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Второто пријавување е закажано на 30 јуни. Конечните ранг листи по двете пријавувања училиштата ќе ги објават на 2 јули.

    Како и во изминатите учебни години, учениците ќе треба да достават хартиени документи до училиштата, а според министерката за образование Весна Јаневска, се прават напори од следната учебна година процесот целосно да се дигитализира.

    „Општините имаа обврска да направат анализа на пазарот на трудот и да го известат Министерството за образование и наука за кадарот кој им е потребен. Врз основа на тие информации го креиравме конкурсот, кој е објавен на нашата веб страна и во печатени медиуми“, вели Јаневска.

    За полагањето на државната матура, министерката вели дека оваа година дел од учениците ќе полагаат во холовите и спортските сали во рамки на училиштата, а дел ќе полагаат во амфитеатрите на најблиските факултети, заради поголема објективност на целиот процес.

    „Неопходно е да има растојание од 1,5 метар помеѓу учениците, и апелирам до учениците да не се вознемируваат од просторот каде ќе полагаат и да се фокусираат на подготовките“, вели Јаневска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира