Судијата Мустафа Шахини од Управниот суд, осомничен за злоупотреби со предмет за денационализација, се повикал на правото на судски имунитет откако Обвинителството за организиран криминал побара од судија на претходна постапка да му одреди притвор, соопшти Основниот суд Скопје 1. Судот го доставил барањето за одредување притвор до Судскиот совет, кој треба да се произнесе дали ќе му го симне имунитетот на управниот судија, а потоа ќе може и судијата на претходна постапка да одлучи по барањето.
„Со оглед да се работи за судија кој се повикал на правото на судиски имунитет, до Судскиот совет на Р.С.М., како надлежен орган, е доставено барање за одобрување мерка притвор, имајќи го во предвид правото на судиите во вршење на судската функција и уживање имунитет, а согласно член 100 од Уставот на Р.С.М. во врска со амандманот 27 и 29 и член 65 од Законот за судови. Откако Судскиот совет ќе се произнесе по барањето на Кривичниот суд , судија на претходна постапка ќе одлучува, а странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, соопшти Основниот суд Скопје 1.
Обвинителството за организиран криминал вчера донесе наредба за истрага против судијата Мустафа Шахини од Управниот суд во Скопје за злоупотреби со предмет за денационализација на имот на брегот на охридското Езеро во Струга, со кои државата ја оштетил за над 200 илјади евра.
„Осомничениот во периодот од 10.09.2018 година до 24.01.2019 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување и ги пречекорил границите на своето службено овластување преземајќи дејствија што не смеел да ги преземе. Истовремено тој не презел дејствија што бил должен да ги преземе. Со ова тој сторил кривично дело ’Злоупотреба на службена положба и овластување‘ по член 353 став 5 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, вели Вилма Рускоска , шефицата на Обвинителството за организиран криминал.