УРЕДНИЧКАТА НА „БОСТОН ГЛОУБ“ РАШЕЛ КОЕН ПОБАРА ОД НАШИТЕ СУДИИ ЛИЧНО ДА ПРИДОНЕСАТ ЗА ПОПРАВИЧЕН СИСТЕМ, А НОВИНАРИТЕ ТОА ДА ГО ЗАБЕЛЕЖАТ И НАПИШАТ

    УРЕДНИЧКАТА НА „БОСТОН ГЛОУБ“ РАШЕЛ КОЕН ПОБАРА ОД НАШИТЕ СУДИИ ЛИЧНО ДА ПРИДОНЕСАТ ЗА ПОПРАВИЧЕН СИСТЕМ, А НОВИНАРИТЕ ТОА ДА ГО ЗАБЕЛЕЖАТ И НАПИШАТПрирачникот за судска транспарентност е за судии и за новинари, а е изработена од новинари и судии кои членуваат во Судско-медиумскиот совет. - Судница во Основниот кривичен суд Скопје (Фото: СДК.МК)

    Под покровителство на амбасадата на САД во Македонија, денеска во Здружението на судии беше промовиран новиот Прирачник за Судска транспарентност за судии и новинари, публикација на Судско-медиумскиот совет, изработена од новинари и од судии кои членуваат во него. Таа ќе биде дистрибуирана до  медиумските куќи и до судиите, преку Здружението.

    Публикацијата дојде од активностите на проектот „Зајакнување на капацитетите и функционалноста на Судско-Медиумскиот совет на Северна Македонија“, проект имплементиран од страна на Здружение на судиите на Република Северна Македонија и Одделот за INL на амбасадата на САД.

    Рашел Коен, асистент-уредник на „Бостон Глоуб“ која е коавтор на прирачникот, а која претходно доаѓаше во Македонија да зборува за заедничкиот труд на новинарите и на судиите во Масачусетс, за  полесен пристап кон правдата  и транспарентност на судовите, упати интересна порака до судиите:

    „Ви посакувам долг и исполнет живот, меѓутоа застенете за момент и размислете: ‘Како јас и мојата работа ќе бидеме запаметени во јавноста? Дали ќе напише новинар: Тој беше добар човек, слушаше, го направи правичен системот, тој го направи системот на правда подобар и придонесе да се направи разлика во општеството?’ И ако мислите дека тоа не е возможно, дали можете да направите нешто да го подобрите или смените разговорот?“.

    Понатака, таа на судиите и на новинарите им кажа дека треба да работат заедно, како што работат во Судско-медиумскиот комитет при Врховниот суд во Масачусетс. Рече дека заедно треба да работат на надминување на заедничките проблеми со кои се соочуваат новинарите при известувањето од судските случаи во Македонија.

    Амбасадорката Кејт Мери Брнз кажа дека останува партнер на новинарите и на судиите и соопшти дека амбасадата го продолжи грантот од САД за Судско-медиумскиот совет во следните 10 месеци, за јакнење на владеење на правото и за професионализација на медиумите во однос на судските известувања и за овозможување полесен пристап до правдата.

    И присутниот министер за правда Бојан Маричиќ понуди соработка со Советот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира