УШТЕ ДВАЈЦА ПРИТВОРЕНИ ЗА СИЛУВАЊЕ И ТРГОВИЈА СО ДЕЦА ВО СЛУЧАЈОТ СО МАЛОЛЕТНАТА ШТИТЕНИЧКА ОД ДОМОТ „25 МАЈ“

    УШТЕ ДВАЈЦА ПРИТВОРЕНИ ЗА СИЛУВАЊЕ И ТРГОВИЈА СО ДЕЦА ВО СЛУЧАЈОТ СО МАЛОЛЕТНАТА ШТИТЕНИЧКА ОД ДОМОТ „25 МАЈ“Местото на улицата Вера Циривири Трена во Велес каде што случаен минувач на 13 ноември 2017 година го пронашол во бесознание злоставуваното девојче во вечерните часови и го пријавил во полиција (Фото: СДК.МК)

    Две од повеќето возрасни лица, на кои во раце им паднало 13-годишното девојче – штитеничка на Домот за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 мај“ и кои ја силувале, ја присилувале на физичка работа и на слугување, од вчера се во притвор. Бидејќи истрагата открила дека во мрежата со присилното сексуално експлоатирање и малтретирање на детето кое било продавано од нејзиното макро е поголема, дознаваме, ќе следуваат уште апсења на сите кои ги вршеле кривичните дела врз неа.

    По предлог на надлежен јавен обвинител од Обвинителството за организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 на осомничените лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

    На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело Трговија со дете за кое е предвидена казна затвор од најмалку 12 години. Тоа се однесува и на сите наредни корисници на сексуалните услуги од малолетничката што ќе ги открие Обвинителството. Уште на почетокот на истрагата беше кажано дека се повеќемина и се од неколку градови од Македонија, каде детето било продавано.

    За двајцата притворени Обвинителството вели дека тие свесно го присилувале девојчето на сексуални услуги, бидејќи знаеле дека е жртва на трговија со луѓе. Малолетната Ромка Р.И. била носена кај возрасните клиенти од нејзината макро, која од февруари е во притвор.

    Случајот беше откриен од организацијата Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) на 15 февруари годинава, кога оваа организација алармираше дека малолетна штитеничка од Домот „25 Мај“, абортирала како жртва на сексуално изживување од возрасни лица на кои им била продавана за пари. Организиран криминал веднаш отвори истрага и ја најде и притвори нејзината макро.

    „Осомниченото лице од декември 2017 година до 6 февруари 2018 година употребувајќи сила, измама и присилба, а воедно искористувајќи ја детската немоќ, го подвела оштетеното дете на вршење на полови дејствија со полнолетни мажи во повеќе градови низ земјава. Осомничената го превезувала детето, го продавала, го нудела на продавање заради експлоатација по пат на користење на сексуални активности за паричен надоместок, го присилувала на принудна работа и слугување и организирала и присилен брак што не се реализирал“, откри Обвинителството.

    За девојчето се знаеше дека е згрижено од социјалните органи. Од ЕЦПР рекоа дека било трауматизирано од абортусот, кога на родителите не им било дозволено да присуствуваат спротивно на нејзината искажана желба. Од невладината критикуваа дека надлежните институции не презеле никакви мерки да им помогнат неа и на нејзиното семејство за да излезат од сиромаштија ниту, пак, го признале сопствениот неуспех да ја заштитат малолетничката од сексуално малтретирање додека престојувала во државна институција. Малолетничката била принудно одземена од семејството и донесена во Домот, поради сиромаштија.

    Дека нивното дете е исчезнато од институцијата што требаше да се грижи за неа, родителите добиле информација на први март 2017 година. Одговорните лица не го пријавиле нејзиното исчезнување ниту во полиција ниту на нејзините родители.

    Според нејзиното сведочење пред невладината ЕЦПР, уште пред да се обелодени сексуалнто малтретирање во февруари годинава, таа била грабната од постар маж од институцијата, кој со возило ја одвел во својот дом во друг град. Таму таа била принудена на сексуални односи и физичка работа. Успеала да избега по 30 дена и да се качи на автобус за Скопје, а полицијата ја нашла на Бит-пазар.

    Како што рекоа од ЕЦПР, девојчето тврдело и дека претходно кога било однесено во детски летен камп во Струга, заедно со други деца од државниот дом за згрижување, таму непознат маж сексуално ја малтретирал пред да биде вратена назад во Скопје. Кога ги пријавила овие малтретирања кај згрижувачите од државната институција, била обвинета дека лаже и дека ги измислува настаните.

    Потоа девојчето било пренесено во друга државна институција за згрижување – „Ранка Милановиќ“ во Скопје, каде што открила дека останала бремена како резултат на сексуалното насилство.

    Досега никој од надлежните во Домот, ниту меѓу социјалните служби не е уапсен. Директорот на Заводот за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение „25 мај“  Стевчо Соколовски си поднесе оставка на 19 февруари. Друга одговорност кај институциите до денеска нема.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира